Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски смета дека неговите колеги од општините Карпош и Струмица, Стевче Јакимовски и Костадин Костадинов се однесуваат „доста несериозно што одредени нивни погледи кон централната власт и ЗЕЛС ги соопштуваат по Фејсбук-статуси и прес-конференција, без претходно тој да биде информиран за одредени проблеми и недоразбирања“.
Ѓорѓиевски тврди дека неколку пати пробал да го контактира Костадинов, но не наишол на одговор. Смета дека „некој се труди да вмеша политика“ во процесот.
-Костадинов не го добив, претпоставувам дека има поважни обврски и дека ќе се јави во текот на денот. Апелирам до двајцата мои колеги да се вразумат и малку посериозно да погледнат на потезите затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник да ги стави во заложништво сите граѓани, повлекувајќи личен потег или потег од разна политичка причина или природа. Тоа се одлуки со кои треба да биде запознаен и Советот на една општина. ЗЕЛС има одредени алатки кои ги дава во интерес на општините и граѓаните. Вратата во ЗЕЛС е отворена и нема нерешлив проблем. Слободно можат да дојдат, кажа првиот човек на општина Кисела Вода на прес-конференција со медиумите.
Ѓорѓиевски бара од неговите колеги конкретно да кажат за проблемите и да се поразговара.
-Треба сериозно да ги гледаме работите. Колегата Јакимовски е многу долго градоначалник и треба да има посериозен пристап. Јас стојам на располагање. Овде нема реален проблем, освен некои несогласувања. Верувам дека нема да дозволат политика да се вмеша во работењето на ЗЕЛС, истакна градоначалникот.
Претходно од двете општини најавија дека размислуваат за напуштање на ЗЕЛС поради несогласувања со одредени министри од Владата.