Димитров од Бугарската комисија: Многу работа е завршена, може да се најде заеднички јазик со македонските историчари

од Nikola Popovski
110 прегледи

Претседателот на бугарскиот тим и копретседавач со Комисијата за историски и образовни прашања, Ангел Димитров денеска во изјава за македонските медиуми информира дека со колегите историчари од Македонија зборувале за претставувањето на Охридската архиепископија од 11-от век, но дека не започнале поконкретни разговори.

Според него, разговорите на тој период веќе се одвивале подолго време со поранешните членови од македонскиот тим на Комисијата.

-Со оглед дека на нашите колеги им треба за да навлезат во таа проблематика, одлучивме да ја оставиме за следниот состанок кој што треба да се одржи во Софија. Се уште немаме одредено точен датум кога ќе се случи, кажа Димитров по денешниот втор состанок на Мешовитата македонско-бугарска комисија.

Бугарскиот историчар исто така изјави дека не разговарале за темите поврзани со учебниците по историја за седмо одделение во Македонија, но дека започнале да ги разгледувааат протоколите од претходните состаноци и со тоа ќе продолжат и во наредниот период.

Запрашан дали разговорите ќе продолжат таму каде што застанале со претходните членови, Димитров одговори:

-Ништо не може да започне од почеток. Многу работа е завршена и треба да го почитуваме трудот на Комисијата, додаде Димитров, истакнувајќи дека „може да се најде заеднички јазик со новиот состав на македонските историчари доколку има добра волја“.

Во средината на септември беше одложен состанокот на комисијата поради смена на македонскиот тим. Засега нема информации дали македонскиот тим ќе бара ревидирање на некои од веќе усвоените препораки на комисијата, односно отворање на веќе усогласените позиции меѓу двете страни, но и дали во таков случај би добила согласност од бугарската страна, со оглед дека за секоја одлука кој ја носи комисијата, потребен е консензус од двата тима.

Досега Мешовитата комисија усвои препораки за заедничко чествување на Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.

Слични содржини