СДСМ: Наместо веднаш да го разреши, Мицкоски по секоја цена го брани незаконското поставување на Христовски

од Nikola Popovski
231 прегледи

Не само Антикорупциската комисија, опозициската СДСМ бара и Јавното обвинителство да се вклучи во случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски. Социјалдемократите велат дека тој ги нема потребните сертификати, откако бугарски „Фактор“ излезе со тврдење дека не постои училиште „Јулија“ во Пловдив за полагање на испитот за ТОЕФЛ, кој Христовски го навел во својата биографија.

-Наместо веднаш да го разреши Мицкоски по секоја цена го брани ова незаконско поставување. Владата на Мицкоски и ДПМНЕ покажува дека за неа не постои ниту право ниту правна држава, наведуваат од партијата на Венко Филипче.

Според СДСМ, Христовски треба да поднесе оставка, а потоа да се утврди и одговорност за прекршувањето на законот.

-Ова е еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја и мора целосно да биде расчистен, тврдат од најголемата опозициска партија.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе побара одговорност од Христовски само доколку тоа го констатира соодветна институција, а не под притисок на опозициската СДСМ и како што рече, исплашените поранешни кодошко-удбашки инсталации кои АНБ ја претвориле во тврдина во борба против опозицијата во времето кога тие биле во таа улога.

Христовски дојде на местото на Зарко Милошевски. Тој има искуство долги години во безбедносните институции. Кратко време беше директор на градското претпријатие „Паркинзи Скопје“, а на директорската позиција доаѓа од Министерството за внатрешни работи.

Пред пет дена во интервју, на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, а не во Скопје, Христовски вели дека е спремен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација кој точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици кои се говорат и се потребни во државата, за кој вели дека го положил во 2022 година оти бил најбрз начин како да дојде до таа диплома, велејќи дека во Пловдив имало отворен термин за полагање.

Слични содржини