Мицкоски за победата на ГЕРБ: Интересен мозаик во бугарскиот Парламент, се надевам нема да има осми избори по ред

од Nikola Popovski
31 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Бугарија да формира нова влада по последните парламентарни избори. Сепак, не одговори на новинарско прашање дали му честитал на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов со оглед дека неговата партија освои најмногу гласови и би требало да ја формира новата влада.

-Ние сме од исто семејство – ЕНП. Таму гледам дека девет партии и коалиции ќе влезат во Парламентот. Интересен мозаик ќе има во бугарскиот Парламент. Очекувам влада од три партнери. Без тие две не може да се направи влада (ГЕРБ-СДС и Продолжуваат промените-Демократска Бугарија). Ќе видиме како ќе се развиваат работите. Се надеваме дека ќе има Влада и дека нема да има осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме патот на Македонија во ЕУ, кажа премиерот по извршување надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов прогласи победа на парламентарните избори во Бугарија. ГЕРБ освои 25 насто од гласовите, речиси 10 проценти повеќе од „Продолжуваме со промените“ и десничарската „Демократска Бугарија“. Сепак Борисов, за да формира Влада ќе мора да коалицира.

Конечните резултати се очекуваат денес, а доколку првичните податоци се покажат како точни, Борисов ќе добие мандат да ја формира својата четврта влада, но ќе мора да бара коалициски партнери за формирање на кабинет.

Слични содржини