ДУИ деновиве почна со средби со граѓаните, но велат дека не се исклучени и протести.
„Прво, не се исклучени протести. Зошто? Затоа што ДУИ реши да излезе на терен и да го слушне гласот на граѓаните. Граѓаните ни ја дадоа довербата и сега секако граѓаните бараат да ги застапуваме со оглед на тоа што е дадена оваа доверба“, вели членот на ДУИ и екс-министер за економија, Крешник Бектеши во интервју за „360 степени“ на МТВ 1, на прашањето зошто не протестираат како партија, туку одлучиле да организираат средби со граѓани и нивните симпатизери.
Сепак, Бектеши додаде дека имаат капацитет веднаш да протестираат, но дека се доволно одговорни за да бидат внимателни.
„10.000 луѓе утре ДУИ може да ги повика каде сакаат, во кој град сакаат. Не е намерата да се прават само протести, а наративот да биде само негативен. Па, тие протести потоа треба да се контролираат и тие што ги организираат имаат одговарност. Мора да направиме внимателна проценка за да не излезе од контрола и така мора да се однесуваат сите државотворни институции кај нас, вклучително и политичките партии“.
„Ако одиме на протести, ние мора 100% да се осигураме дека тие нема да бидат насилни бидејќи интересот на ДУИ не е да има насилни протести. Да, изразувањето мислење преку протести е демократски чин и не треба да го прават само политичките партии“, рекол меѓу другото Бектеши.
-Ми се чини дека поради ниските температури се одлучија да имаат средби со граѓани, наместо да излезат на протести, коментира пред три дена министерот за здравство Арбен Таравари во врска со вчерашната одлука на ДУИ од неделава да почне средби со граѓани во сите партиски ограноци.
Не сум го добил писмото од Ахмети – уверува премиерот Христијан Мицкоски. Вели, кога ќе го добие ќе му посвети внимание како и на сите писма кои секојдневно ги добива, па дури тогаш ќе даде коментар.
„Навистина го немам добиено, секојдневно добивам писма. Со големо внимание посветувам кон сите граѓани. Така постапува одговорна Влада. Ние не играме фудбалчиња, ние сме одговорни“, изјави Мицкоски.
Претседателот на интегративците испрати писмо адресирано до претседателот на Владата во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, соопшти партијата.
„Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, стои во писмо од Ахмети до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, ниту првиот вицепремиер кој доаѓа од албанскиот владин коалциски партнер, Меџити не му посвети особено внимание на писмото од лидерот на ДУИ, оценува дека во моментот поважни се други прашања.
Ахмети претходно испрати осум писма до меѓународните лидери. Во нив тој ги информирал дека загрозени се историските достигнувања на Албанците во Македонија. Ваквата реакција на ДУИ следеше по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот. Од коалицијата „Вреди“ со став дека ДУИ и понатаму се обидува да врши притисок врз највисоките судски инстанци преку своите инсталации во сите правосудни органи.