Кога беше во опозиција Мицкоски на сите ѕвона го прогласи договорот со „Бехтел и Енка“ за „историски криминал“ и тврдеше дека е „спорен по сите основи“. Е ама откако седна во премиерската фотелје смени лента Мицкоски преку ноќ. Сега наеднаш Мицкоски го фали со истиот тој договор со „Бехтел и Енка“, гордо кажува дека е добар за државата, раскажува колку биле значајни проектите за изградба на Коридорот 8, велат од СДСМ за проектот и почетокот на изградбата на делницата Гостивар-Букојчани.
Од СДСМ додаваат дека „многу превртливост има во изјавите на Мицкоски што неговото лажење на народот се сведува на ниво на политичка перверзија“.
-Најважно е дека ова е признание дека стратешките проекти кои ги водеше СДСМ, како овој со изградбата на Коридорите 8 и 10, биле добри и дека сега оваа Влада ќе продолжи да ги реализира, велат од партијата на Венко Филипче.
Почнува изградба на автопатот Гостивар-Букојчани-Кичево, најтешката траса од Коридорот 8. Тоа значи дека преку оваа делница од Скопје до Охрид и Струга ќе се патува за околу час и половина. Премиерот Христијан Мицкоски заедно со повеќе владини претставници, како и амбасадорката на САД, Агелер, извршија обиколка на градежните активности за изградба на овој автопат.
-Решивме да работиме, а не да бараме изговори, рече министерот за транспорт. Николоски упати и благодарност до сите кои биле инволвирани во проектот.
Од Конзорциумот „Бехтел и Енка“ велат дека оваа делница е од голема важност за сите, посебно за домашните работници.
„Проектот кој значи побрзи и побезбедни патишта е од исклучителна важност за граѓаните и секако за бизнисите, а тоа придонесува за голем социо-економски развој. Над 750 членови на тимот се локално население од најразлични дејности. Ние и натаму ќе го зголемуваме бројот, како што ќе напредува проектот“, велат од „Бехтел и Енка“.
Делницата Гостивар – Букојчани, една од четирите коишто треба да бидат завршени во наредните неколку години. Целиот проект тежи една милијарда и 300.000 евра.