Мицкоски: Од догодина нема зголемување на платите на функционерите

од Nikola Popovski
477 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вели дека „едно е сигурно“, а тоа е дека функционерските плати нема да се зголемат. Според него, тоа ќе се направи преку корекција на коефициентите на платите.

-Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите, кажа премиерот пред почетокот на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје насловена: „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.

Беше предвидено платите на функционерите од јануари 2025 година повторно да се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските.

Тоа што во февруари годинава со измена на шест закони беа намалени коефициентите на сложеност со кои се множи основицата при пресметката на платите помогна само да не им пораснат примањата во оваа 2024 година, за да не им растат и во 2025 година Владата би требало на Собранието да му предложи повторно да ги намали коефициентите за пресметка или да го исполни ветувањето за носење на нов системски закон за платите во јавниот сектор, но засега е неизвесно што ќе се случи.

Избраните и именувани функционери од април минатата година земаат плати повисоки за 78 отсто, што предизвика незадоволство и протести кај разни групи работници и кај пензионерите. Работниците бараа и нивните плати да пораснат за онолку за колку што пораснале функционерските, но тоа не се случи. Вработените во јавниот сектор лани добија за 10 отсто повисоки плати.

Слични содржини