Премиерот Христијан Мицкоски не планира да има комуникација со уставни судии и обвинители, за кои што, како што вели се избрани од претходното владеачко мнозинство на СДСМ и ДУИ. Тој е дециден дека тие правосудни лица го сведоа рејтингот на правосудниот систем на едноцифрен број на проценти.
За идеите за реформи во правосудството, претседателот на Владата утрово информираше дека во текот на изминатиот викенд остварил средба со поранешниот претседател на Врховниот суд во Хрватска, Бранко Хорватин, кој го предводеше тимот од експерти од ЕУ (Оценска мисија) кои ја чешлаа работата на Судскиот совет. Според премиерот, Хорватин во моментов работи на проект во Црна Гора, финансиран од ЕУ.
Мицкоски вели дека добил многу квалитетни идеи во делот на реформите во правосудството и во текот на следната недела најавува дека ќе има оперативна средба со луѓето од областа во земјава.
-Најпрвин ќе започнеме од Судскиот совет, потоа Советот на јавни обвинители, се до моментот кога ќе го ослободиме судството и Обвинителството опструирани од партиските стеги на СДСМ и ДУИ. Ќе видиме, допрва ќе размислуваме, рече Мицкоски запрашан од новинарите дали е планиран реизбор на Судскиот совет.
Намерата на Владата да ги распушти двете правосудни тела предизвикува бранување уште од почетокот на мандатот. ЕУ и САД му даваат поддршка на Судскиот совет, бараат тој да се реформира согласно предлозите на европските експерти и сметаат дека Владата на овој начин се меша во независноста на судството.
Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.
Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
Вкупно 17 препораки се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени. Од нив, седум се однесуваат на транспарентноста и десет за изборот и унапредувањето на судии, што е клучна функција на Судскиот совет.
Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии, како и за зголемување на буџетската автономија.
Извештајот тогаш беше споделен со властите и надлежните институции и не беше јавно објавен.