СДСМ: Дали за Тошковски партиската припадност на Христовски е карт бланш дека не смее да биде гонет?

од Nikola Popovski
166 прегледи

СДСМ уште еднаш побара од Јавното обвинителство да постапи во врска со случајот со незаконското назначување на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Ова следува откако две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затоа што приложиле ТОЕФЛ сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. Тоа е истото правно лице од каде што потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски.

-За случаите со двете директорски институциите постапиле и не чекале ниту да се изјасни ДКСК, ниту јавно некој да ги повикува, МВР поднело кривични пријави и лицата се осудени.

Сега зошто Панче Тошковски не постапува, по ист пример и за исто дело, употреба на исправа со невистината содржина? Зошто МВР нема поднесено кривична пријава за Христовски? Тошковски штити некој што прекршува закон? Или за него партиската припадност на Христовски е карт бланш дека не смее да биде гонет, прашаа од СДСМ преку соопштение.

ДКСК минатата недела отвори предмет за именувањето на Христовски за директор на АНБ откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.

Неодамна на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, а не во Скопје, Христовски вели дека е спремен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација кој точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици кои се говорат и се потребни во државата, за кој вели дека го положил во 2022 година оти бил најбрз начин како да дојде до таа диплома, велејќи дека во Пловдив имало отворен термин за полагање.

Христовски беше избран на позицијата пред 14 дена иако претходно не го поминал ветингот за да премине од УБК во новата тајна служба. Кога ја презел функцијата, Христовски немал ниту сертификат за „државна тајна“ со што се отежнува и функционирањето на службата која се грижи за безбедноста.

Слични содржини