Делницата од брзата пруга Нови Сад – Суботица ќе биде пуштена во сообраќај на 24 ноември, а ден претходно Унгарија, Србија, С. Македонија и Грција ќе потпишат заедничка изјава за изградба на брзата пруга од Будимпешта до Атина, односно Патра, информирал српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќза.
Тој потсетил дека по отворањето на новата делница, вкупната должина на брзата пруга на северот од Србија ќе биде 184 километри, а од Белград до Суботица ќе бидат потребни 70 минути за патување. Се очекува до крајот на следната година, Унгарија да го заврши својот дел од пругата, од границата до Будимпешта, долг 166 километри.
„Потоа ќе имаме брза железничка врска од Белград до Будимпешта, по која ќе се стигнува за два часа и 45 минути“, рекол Весиќ за ТВ Пинк.
„Се договоривме со Владата на С.Македонија заеднички да побараме финансирање и да работиме на нашите 135 километри и нивните 50 километри до Скопје. Грците веќе проектираат пруга од Солун до Идомени, на грчко-македонската граница и ја обновуваат пругата Солун-Атина. Останува да се реши поврзувањето од Скопје до Идомени и кога се ќе се заврши ќе имаме над 1.638 километри пруга од Будимпешта до Патра. Тоа ќе биде столбот на транспортот на Западен Балкан“, објаснил српскиот министер.
Тој додал дека Србија е заинтересирана за изградба на дел од пругата од Ниш до бугарската граница. Весиќ рекол и дека пругата од Истанбул до бугарската граница се гради во Турција со поддршка на Европската унија и дека веќе е изградена пругата од границата до Софија, односно дека останува да се уреди делот од Софија до Драгоман, на границата со Србија.
Изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, односно поврзување на Македонија преку брза пруга со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа – било во фокусот на неодамнешните разговори на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар.
Според Николоски, ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи.