Дали ќе биде буџетот „развоен“ ќе зависи од реализирањето на планираните инвестиции и од тоа дали Владата ќе успее да го одржи задолжувањето на најавеното ниво

од Vladimir Zorba
62 прегледи

Оптимизмот на Владата изразен преку буџетот за 2025 г. за економски раст од 3,7%, значително зголемување на приходите и капиталните инвестиции, за дел од економистите отвораат повеќе прашања, особено знаејќи ги неодамна изнесените конзервативни прогнози од страна на Светска Банка за раст на економијата од 1,8%.

Предлог буџетот според економскиот аналитичар Абил Бауш, нуди интересни аспекти за анализа  но дали вака скроената државна каса навистина ќе биде развојна, ќе зависи од извршувањето на инвестициите и од тоа дали задолжувањето ќе биде на најавеното ниво без дополнителни ризици за јавниот долг.

„Доколку ги земеме предвид глобалните и регионалните економски предизвици, потребно е многу поцврсто објаснување од Владата за факторите кои би го поддржале ова ниво на раст. Проектираната инфлација од 2.2% звучи реалистично, но ќе зависи од стабилноста на цените на основните производи и енергетскиот пазар, кои се многу нестабилни.Што се однесува до расходите, кои се проектирани да растат за 10%, клучно прашање е како тие ќе се насочат“, објаснува Бауш во изјава за „Локално“.

Расходите кои не се инвестираат во продуктивни области, вели тој, на долг рок може да ја зголемат само фискалната нестабилност па оттаму за Бауш особено интересен е развојниот аспект на буџетот.

Абил Бауш

Абил Бауш

„Важно е да се знае дали капиталните инвестиции навистина ќе го поддржат економскиот раст. Ако во минатото тие често беа предмет на прво кратење при ребаланси, сега е неопходна транспарентност во врска со конкретните проекти кои ќе се поддржат и како тие ќе генерираат одржлив раст. Буџетот за 2025 година нуди интересни аспекти за анализа, но ќе биде од витално значење да се следи дали капиталните инвестиции ќе бидат реализирани во целост, а Владата мора да биде проактивна во адаптирањето на стратегиите доколку се појават економски шокови“, истакна тој.

Владата нема јасно изразен став и средства во предложениот буџет, во однос на можноста следната година да се зголеми минималната плата, нешто што според Бауш остава простор за критика во услови кога минималецот тангира голем дел од населението и кога се знае дека секое зголемување на минималната плата како социјална но и економска мерка  влијае на внатрешната потрошувачка.

Во однос на задолжувањето и владиниот став дека долгот нема да надмине 60% од БДП, според  Бауш ќе бара многу дисциплиниран пристап кон управување со јавните финансии.

„Важно е да се постават механизми кои ќе осигураат дека новите задолжувања се насочуваат кон проекти кои ќе обезбедат поврат на инвестицијата, наместо да станат товар на идните генерации“, заклучува Бауш.

Гордана Димитриеска Кочоска

Гордана Димитриеска Кочоска

Владата вчера го усвои Предлог буџетот за следната година кој ќе тежи 6,5 милијарди евра.Приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра и се за  13 % поголеми од 2024  а раст од 10 % е предвиден и за вкупните расходи. Според министерката за финансии Димитриеска Кочоска, со вака димензионираниот буџет се поставуваат темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст.

„Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст“, потенцираше вчера министерката за финансии. 

К.В.С.

Слични содржини