Министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити вели дека проблемот со загадениот воздух е комплексен, одговарајќи на новинарско прашање дали ресорот и Владата имаат конкретни мерки како оваа зима да имаме помалку загаден воздух.
-Комплексно прашање и комплексна лепеза на активности, кое не може преку ноќ да се реши. Добро е што трендот е на подобрување. Периодот (на загаден воздух) се скратува, но не треба со тоа да бидеме спокојни и задоволни. Работиме интензивно и секојдневно како да го решиме сигурно. Планираме повеќе мерки, почнувајќи во соработка со локалните самоуправи. 40% од проектите се насочени во делот на екологијата. Во периодот што следи ќе ве информираме секоја недела со конкретни активности што ќе ги преземеме, рече Меџити.
Градовите во Македонија скоро секоја зима се меѓу „светските рекордери“ по загаден воздух. Податоците на сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање вчера покажаа дека пред два дена на 12 мерни места во земјава била надмината среднодневната концентрација и гранична вредност на pm10 честичките во воздухот.
Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.