Потпретседателката Камала Харис одржува тесна предност во две од трите држави на „синиот ѕид“ кои колективно го претставуваат нејзиниот најчист пат до победа во Изборниот колеџ над поранешниот претседател Доналд Трамп, според новите анкети на Си-Ен-Ен.
Во Мичиген, Харис води пред Трамп со 48% до 43% меѓу веројатните гласачи. Харис, исто така, води пред Трамп во Висконсин, каде што 51% ја поддржуваат наспроти 45% за Трамп. Но, трката е изедначена во Пенсилванија (и двајцата со поддршка од 48 отсто), најголемата изборна награда од трите држави и централен дел од надежите на секој кандидат за освојување на Белата куќа. Сите три држави ги доби Трамп во 2016 година, но претседателот Џо Бајден ги освои во 2020 година.
Огромното мнозинство гласачи во државите од „синиот ѕид“ веќе се имаат одлучено за својот избор. Само 8 отсто од веројатните гласачи во Пенсилванија, 7% во Мичиген и 6% во Висконсин велат дека не направиле избор или би можеле да го променат своето мислење пред денот на изборите.
Сите три држави имаат конкурентни трки во Сенатот во местата што ги бранат демократите. Анкетите покажуваат тесна трка за сите тројца. Демократската пратеничка од Мичиген, Елиса Слоткин е на врвот пред поранешниот републикански пратеник Мајк Роџерс со 48% до 42% меѓу веројатните гласачи. Демократскиот сенатор од Пенсилванија Боб Кејси има 48% поддршка пред републиканецот Дејв Мекормик од 45% во трка без јасен лидер. И во Висконсин, исто така, нема јасен лидер во трката за Сенатот, при што демократската сенаторка Тами Болдвин има поддршка од 49% наспроти 47% на републиканецот Ерик Ховде.
Во споредба со јужните и западните боишта, државите на синиот ѕид имаат помалку историја на предвремено гласање или по пошта, а само околу една третина или помалку гласачи во овие три велат дека веќе гласале.