Тен Хаг: Сакав да му донесам повеќе трофеи на Манчестер Јунајтед

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, им се заблагодари на навивачите на тимот за поддршката кон него и играчите за време на неговиот престој на „Олд Трафорд“.

Холанѓанецот пред неколку дена доби отказ поради слабите резултати на стартот на третата сезона во клубот и на негово место дојде Португалецот Рубен Аморим.

Во своето обраќање, Тен Хаг речиси целосно им се обрати на навивачите, а неговите сега веќе поранешни колеги од клубот се споменати во само една реченица.

„Почитувани фанови,

Дозволете ми да започнам со благодарност до вас. Ви благодарам што секогаш сте тука за клубот. Без разлика дали тоа беше на гости или тежок натпревар на „Олд Трафорд“, вашата поддршка беше непоколеблива. Атмосферата на „Олд Трафорд“ отсекогаш била наелектризирана благодарение на вас. Го почувствував тоа многу пати. Исто така, на гостински натпревари, на тимот и на мене му даваше неверојатно чувство да ги слушам скандирањата на Јунајтед како ги заземаат противничките стадиони, без разлика дали натпреварите беа во Англија, Европа или на летна турнеја.

Отсекогаш уживав да се среќавам со навивачите на Манчестер Јунајтед ширум светот. Шетајќи по улиците и имајќи можност да разговарам со навивачите во Англија, Европа, Азија, Австралија, САД – ме инспириравте и зрачивте со силно чувство на единство. Тоа е она што ги прави симпатизерите на Манчестер Јунајтед толку посебни.

Сакам да ви се заблагодарам што ми го дадовте ова чувство и вашата поддршка. Исто така, би сакал да им се заблагодарам на персоналот во секој оддел на клубот за нивната непоколеблива поддршка во добри и лоши времиња.

Освоивме два трофеи – достигнувања кои ќе ги негувам до крајот на мојот живот. Секако, мојот сон беше да донесам повеќе трофеи во витрината. За жал, тој сон заврши.

На сите навивачи на Манчестер Јунајтед не им посакувам ништо друго освен успех, трофеи и слава. Вашата поддршка и топлината што ја добив од сите во клубот ми помогнаа да се чувствувам како дома.

Ви благодарам за ова поглавје во мојот живот“, напишал Тен Хаг во своето писмо.

Слични содржини