Во Амбасадата на Србија во Скопје беше отворена Книга на жалост по повод трагичниот настан на железничката станица во Нови Сад во кој животот го загубија 14 лица. Прва се потпиша претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, изразувајќи длабоко жалење и искрено сочувство.
„Моите мисли и молитви се со семејствата и роднините на оние кои трагично ги загубија животите, меѓу кои и еден Македонец. Во знак на почит и солидарност, утрово во телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изразив длабоко сочувство и поддршка во овие моменти“, објави македонската претседателка.
View this post on Instagram
Идентификувани се 13 лица, а поради тежината на повредите не може да се идентификува уште една женска особа. Меѓу загинатите се две деца родени 2014 и 2018 година, фудбалер со неговата девојка, претежно млади лица, како и 45-годишен македонски државјанин кој работел во Нови Сад.
Од Универзитетскиот клинички центар во Војводина потврдија дека нема нови жртви, а тројцата повредени се во тешка општа состојба. Меѓу нив се две жени на возраст од 23 и 21 година, кои неколку часа по уривањето на конструкцијата беа извлечени од под урнатините и 18-годишно момче на кое му беше ампутирана ногата.