Две недели жителите на Кочани бараат решение од властите против енормно загадениот воздух во градот. На народен протест, континуирано го блокираат патот до депонијата, којашто е главен извор на загадувањето. Оправданиот народен револт го потврдува и фактот дека бројот на болни од респираторни заболувања и канцер во Кочани се зголемува, соопштија утрово од партијата Левица.
Од партијата информираат дека пратеникот од нивните редови, Борислав Крмов го посетил протестот неколку пати и изразил поддршка.
-Во рамките на своите ингеренции, тој до Собранието поднесе информација за енормното загадување на амбиенталниот воздух, проблемот со градската депонија во Кочани и побара итно да се најде пред пратениците на Седницата закажана во вторник.
Уставно загарантираното право на здрава животна средина е неспорно! Должност на државата е да го обезбеди истото. Оттука, барањата на жителите на Кочани се интегрален дел од документот доставен до Собранието, а пратеникот Крмов, од пратениците и ресорниот Министер, ќе побара нивна примена и итно и неодложно разрешување на проблемот, заради којшто граѓаните се со денови на улиците, стои во партиското соопштение.
Пред неколку дена, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на новинарско прашање за решавање на проблемот со депонирање на отпадот на општините Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево на кочанската депонија одговори дека Владата ќе се залага за обезбедување на финансиски средства за уредување на депонијата и да не се отвораат нови диви депонии. Ова ќе трае се до изградбата на првата регионална депонија во светиниколското село Мечкуевци, со цел да не се реактивираат веќе затворените депонии во источниот регион.
Иако граѓаните и еко активистите од Кочани и регионот ја тргнаа блокадата за кочанските комунални возила тврдејќи дека не прифаќаат ѓубрето од другите општини да се носи кај нив, сепак впечаток е дека нема решение за проблемот. Од Министерството за животна средина и просторно планирање рекоа дека не е опција да се вратат веќе згаснатите депонии во околните општини и дека ѓубрето ќе мора да се носи и понатаму.