Новоизградената православна црква во шведскиот град Вестерос стана мета на критики и сомнежи за шпионажа на блискиот стратешки аеродром, пречистителна станица и енергетски компании, пишуваат западните медиуми. Градот се наоѓа на околу 80 километри западно од Стокхолм.
„Црквата е потенцијално упориште кое може да се искористи за собирање информации и за аеродромот Вестерос и за индустрискиот сектор – големите енергетски компании. Кога шведските одбранбени сили спроведуваат вежби на или во близина на аеродромот, како што направија во јуни, црквата најверојатно ќе биде под надзор“, рекол Маркус Горансон, експерт за Русија од Шведскиот одбранбен универзитет, пишува „Политико“.
Шведската служба за државна безбедност (САПО) претходно изрази сомневање дека претставници на црквата „имале контакти“ со поединци кои работат за руските разузнавачки служби. После тоа, Шведската агенција за поддршка на верските заедници (ССТ) ја суспендираше финансиската помош за црквата. Црковните претставници во контакт со ССТ ги отфрлија сомнежите за врски со руските разузнавачки служби.
Во јули шведската влада претстави нова стратегија за национална безбедност, според која најголема закана за земјата е Русија. Некогаш неутралната земја влезе во НАТО во март оваа година.
Руската амбасада во Кралството во октомври објави дека „антируската политика на шведските власти развила параноја кај населението во земјата – сега тие насекаде ја гледаат „раката на Кремљ“.