(ФОТО+ВИДЕО) „Кочани се гуши“: Граѓаните не попуштаат во борбата против токсичниот чад од депонијата

од Илинка Илиоска
131 прегледи

Жителите на Кочани веќе трета недела водат борба против честото загадување од локалната депонија. Тие 16 дена деноноќно се на протест кој го нарекоа „Депонијада“.  Граѓаните организираа блокада на патот кон депонијата и категорично не дозволуваат камиони со отпад да пристапат до локацијата, револтирани од перманентното загадување кое настанува поради постојаните пожари и токсичниот чад кој буквално ги гуши им ги „штипе“ очите  и им го нарушува здравјето.

Во разговор со „Локално“, активистите од Кочани велат дека бараат проблемот со управување со отпадот итно да се реши заради подобрување на квалитетот на воздухот и здравјето на населението. И, додека тоа не се случи, тие велат дека нема да се тргнат од барикадите затоа што се скептични кон ветувањата и апелите на властите.  Бараат и од локалната и централната власт не само ветувања, туку и конкретни инвестиции во комуналната инфраструктура, кои би овозможиле поефикасно управување со отпадот и би го намалиле ризикот од загадување и штети врз здравјето на населението.

„Не сакаме помош од институции кои го создадоа овој проблем,“ изјави еден од активистите, посочувајќи дека само Кочани ја почитува владината одлука за управување со отпад, додека други општини, како Куманово и Свети Николе, ја игнорираат.

Според него, само со локални напори може да се обезбеди трајно решение за проблемот. „Веќе 16 дена сме на барикадите, и за тоа време нема палења на депонијата,“ изјави тој, нагласувајќи дека квалитетот на воздухот значително се подобрил.

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, изрази разбирање за загриженоста на граѓаните и истакна дека веќе се преземаат сериозни активности за затрупување на отпадот, со цел привремено да се стабилизира депонијата.

Дополнителен притисок врз кочанската депонија создава и фактот што, по затворањето на помалите депонии во соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, отпадот од овие места завршува токму тука. Според проценките, количината на отпад во Кочани е зголемена за 50%, што ја надминува можноста на депонијата да го обработи и задржи отпадот без последици.

За да се спречи натамошно зголемување на проблемот, општините и владата велат дека размислуваат за крајно решение – изградба на Центар за управување со отпад за источниот и североисточниот регион, лоциран во село Мечкуевци, кај Свети Николе.

Вицепремиерот Александар Николоски минатата недела најави дека Владата ќе обезбеди финансиски средства за подобрување на условите на депонијата, со што би се намалиле опасностите од пожари и загадување на воздухот. Сепак, ваквите изјави наидоа на скептицизам од страна на активистите, кои бараат видливи резултати и итни мерки.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, во меѓувреме, го осуди проблемот со депониите во Македонија.

„Загадувањето е проблем во цела држава. Гледаме како Скопје вчера беше четврти град по загаденост во светот,“ рече Крмов, повикувајќи на итно решавање на овој горлив проблем со новата влада и новото мнозинство.

И.И.

 

 

Слични содржини