Како да се користат грантови за обновливи извори од ЕУ?

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Обновливите извори на енергија (ОИЕ) сé повеќе стануваат основа на енергетската иднина на Европа, а Европската унија (ЕУ) силно ги поддржува проектите кои придонесуваат за развојот на овој сектор. Грантовите на ЕУ за обновливи извори на енергија претставуваат значителна финансиска помош за земјите-членки и партнерите на ЕУ, вклучително и за земјите од Западен Балкан, кои сакаат да се префрлат на почисти и поодржливи извори на енергија.

ЕУ нуди различни видови грантови за проекти за обновлива енергија. Овие грантови се дел од пошироката иницијатива наречена Европски зелен договор, чија цел е да ја направи ЕУ првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Главната цел на грантовите на ЕУ е транзиција кон одржливи и чисти извори на енергија. Специфичните цели вклучуваат намалување на емисиите на јаглерод диоксид, зголемување на енергетската ефикасност, поттикнување на иновациите во енергетскиот сектор, развојот на локалната зелена економија и отворањето на нови работни места како и зајакнување на енергетската безбедност и независност.

Грантовите на ЕУ може да вклучуваат директна финансиска поддршка за проекти за градење капацитети во соларни, ветерни електрани, хидроцентрали и други извори на обновлива енергија, како и кофинансирање на проекти кои помагаат да се намалат емисиите на стакленички гасови, но и за техничка помош за развој на инфраструктурата, обука на персоналот и подобрување на технологијата.

Износите на грантовите од ЕУ зависат од видот на проектот и земјата на корисникот. Помалите истражувачки проекти можат да добијат средства во вредност од неколку стотици илјади евра, додека за поголеми инфраструктурни проекти се предвидени субвенции во износ од неколку милиони евра. Фондовите како InvestEU и Connecting Europe Facility (CEF) имаат буџети во милијарди евра, што овозможува финансирање на широк опсег на проекти за обновлива енергија.

Благодарение на грантовите на ЕУ за обновливи извори на енергија многу земји значително го приближија својот енергетски сектор кон целите предвидени со зелената транзиција. Па така, на пример, со поддршка од фондовите на ЕУ, Германија разви бројни проекти за фарми со ветерници и соларни фарми, како и Данска која е лидер во користењето на енергијата на ветерот и се смета за еден од најчистите енергетски системи во Европа. Исто така и Грција и Шпанија значително ги намалија емисиите на јаглерод и го зголемија енергетскиот капацитет преку соларни проекти користејќи вакви грантови.

ЕУ има развиено неколку програми кои го вклучуваат и Западен Балкан во борбата за одржлива енергетска иднина. Програмите како што се ИПА и Инвестициска рамка за Западен Балкан обезбедуваат финансиска и техничка поддршка на проекти од областа на обновливите извори на енергија. Исто така, Зелениот план за Западен Балкан дава дополнителни можности за развој на зелена инфраструктура и модернизација на енергетскиот систем.

Овие грантови се клучни за намалување на зависноста од фосилни горива и за постигнување еколошки цели, а во исто време ги поддржуваат земјите од регионот да го забрзаат својот пат кон членство во ЕУ. Пристапот до овие средства може да придонесе за развој на локалните економии, намалување на притисоците врз животната средина и постигнување на глобалните цели за одржливост. За земјите од Западен Балкан, овие грантови се вредни ресурси за модернизација на енергетскиот сектор и интеграција во европската економија и политиката за заштита на животната средина.

И Македонија досега користела неколку грантови од ЕУ за проекти поврзани со обновливи извори на енергија и еколошка одржливост. Преку различни фондови на ЕУ, како што се Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и ВБИФ (Инвестициска рамка за Западен Балкан), Северна Македонија доби поддршка за проекти кои ја подобруваат енергетската ефикасност и развиваат инфраструктура за обновливи извори. Еден пример е проект за подобрување на енергетската ефикасност во јавните згради, како и иницијативите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во индустријата и транспортот. Исто така, ЕУ поддржа проекти за развој на соларна енергија и воведување на ветерни електрани, со што се зголеми капацитетот на Северна Македонија за производство на чиста енергија.

Овие инвестиции се дел од пошироката стратегија на ЕУ за Западен Балкан, која има за цел да му помогне на регионот да се усогласи со стандардите на ЕУ во областа на заштитата на животната средина и одржливиот развој. Со поголема искористеност на ваквите грантови Македонија може многу побрзо да ги реализира поставените целите за енергетската транзиција, намалување на зависноста од увоз на енергија и зајакнување на инфраструктурата на обновливи извори во земјата.

Слични содржини