Одделението за односи со јавност на Град Скопје регираше на објавата на поранешниот шеф на кабинетот на ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Никола Наумоски, во која тој вели „Данела е лажга и клеветничка, така пресуди судот денес, речиси три години откако Данела пред новинари и камери ме клеветеше дека сум трошел градски пари за да јадам и пијам по кафани“.
„Со оглед на веста пласирана низ јавноста од страна на лицето Никола Наумоски, дека го добил судскиот спор за клевета против градоначалничката Данела Арсовска, и покрај тоа што пресудата сеуште не е формално донесена и врачена, Наумовски со информации побрза да прејудицира судска пресуда и да навредува. Од неговата изјава дека пред новинари и камери бил клеветен дека трошел градски пари за бифтеци, а за тоа не бил до судот приложен ниту еден доказ, во прилог до јавноста доставуваме една од бројните сметки за од него потрошените градски средства кои беа доставени во постапката пред судот”, се вели во соопштението на Град Скопје и се додава:
„Одлуки на судот Град Скопје нема да коментира, а за тоа дали е клевета изнесеното или не, ќе се почека и официјалната првостепена пресуда на судството во кое македонските граѓани имаат 2% доверба”.