„Токсична медиумска платформа“: „Гардијан“ ја напушта „Х“

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Британскиот весник „Гардијан“ одлучи дека повеќе нема да споделува содржини од своите сметки на социјалната мрежа Х затоа што, како што наведоа, веќе извесно време размислувале за овој потег и сфатиле дека придобивките од тоа да се биде на платформата се премногу мали во споредба со негативните ефекти.

„Сакавме да ги информираме читателите дека повеќе нема да објавуваме содржини од ниту една од официјалните сметки на Гардијан на социјалната мрежа Х“, се вели во соопштението.

„Гардијан“ има повеќе од 80 сметки на интернет со околу 27 милиони следбеници.

Од тој британски весник и портал, истакнаа дека долго време се загрижени за многу работи на интернет, вклучително и десничарски теории на заговор и расизам, а однесувањето на мрежата пред, за време и по претседателските избори во САД само ја забрзало одлуката.

„Ова е нешто што го разгледувавме долго време, земајќи ја предвид често вознемирувачката содржина што се промовираше на платформата, како што се десничарските теории на заговор и расизмот“, се вели во соопштението на „Гардијан“.

„Кампањата за претседателските избори во САД само го потврди она што долго време го мислевме – дека X е токсична медиумска платформа и дека нејзиниот сопственик, Илон Маск, го користи своето влијание за да го обликува политичкиот дискурс“, додава Гардијан.

Сопственикот на X платформата, Илон Маск, беше критикуван од група против говор на омраза и лидерите на ЕУ поради онлајн содржината откако ја купи во 2022 година за 44 милијарди долари.

„Гардијан“ рече дека корисниците на X сепак ќе можат да ги споделуваат своите написи на платформата и дека објавите од X понекогаш ќе бидат вградени во нивните објави како дел од нивното покривање вести.

Нивните новинари ќе продолжат да ја користат платформата за собирање информации и вести.

Слични содржини