Буџетот за 2025 пред матичната комисија во Собрание

од Nikola Popovski
41 прегледи

Во Комисијата за финансирање и буџет ќе се расправа по Предлог-буџетот за 2025 година. Проектиран е на приходи во вредност од 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет. Предвидено е расходите да изнесуваат 6,5 милијарди евра.

Mинистерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека Предлог-буџетот содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст. Во Предлог-буџетот, според министерката, се намалуваат средствата за непродуктивни трошења како што се ставките за мебел и возила, а обезбедени се средства за поддршка на животниот стандард на хграѓаните, односно средства за зголемување на пензиите за 2.500 денари во март за што се предвидени 105 милијарди денари. За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливите категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, за здравствена заштита 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.

Опозициските партии со критики за предложениот Буџет за следната година. За социјалдемократите тој е нереален, неразвоен и недомаќински. Тврдат ќе продуцира нови долгови.

-Проектираниот раст на БДП е нереален, бидејќи и Народна банка и Светска банка одат со многу пониски прогнози, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Според него се зголемуваат парите за непродуктивните трошоци, а има кратење во клучните сектори.

-Власта со својот прв Предлог-буџет постапува незаконски, со дефицит од 4% од БДП, спротивен на законските ограничувања кои дозволуваат максимум 3%, кажа Филипче. Тој е со став дека СДСМ нема да го гласа вака предвидениот Буџет. Имаат 200 амандмани. Критики за предложената државна каса и од ДУИ.

Според процедурата, првите 10 дена од расправата за Буџетот се резервирани во матичната комисија. Откако ќе помине амандманската расправа, Предлог-буџетот се сели на пленарна седница, каде има пет дена расправа и потоа усвојување на државната каса за 2025-та година.

Слични содржини