Сопственичката на „Анго“, фирмата што требаше да ја изгради спорната катна гаража до Собранието, Анкица Трпковска, е избрана за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), пишува Призма.
Како што објавуваат од „Призма“, Трпковска нема да биде вработена во АЕК, туку ќе треба да учествува на седниците на комисијата која на некој начин функционира како управен одбор – усвојува годишни извештаи и програми, ја следи реализацијата, разрешува и бира директор. За ангажманот ќе прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.
Таа сè уште се води како сопственичка на „Анго“, компанијата што го купи државното земјиште за 330.000 евра во 2013 година, во времето кога со владата управуваше Никола Груевски, меѓутоа фирмата не го изгради паркиралиштето во рокот од десет години којшто истече во септември годинава.
Пред неколку месеци, набрзо по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт се процени дека е небезбедно да се подигне гаража до објект од витално значење каков што е парламетот. Затоа и почнаа преговори со претставници на компанијата за обесштетување.
Трпковска беше член на Либералната партија, а извесен период беше и претседателка на партиската унија на жени. Во 2017 година стана и советничка во општина Бутел, од изборната листа предводена од тогаш владејачката СДСМ.