Spotify, познат првенствено како платформа за стриминг на музика, воведе серија значајни промени кои имаат за цел да ги охрабрат корисниците да консумираат видео поткасти. Платформата веќе неколку години се проширува во различни медиумски формати, вклучувајќи подкасти и аудио книги, а сега се фокусира на долгометражни видео содржини.
Главните промени вклучуваат, секогаш добредојденото, плаќање на креаторите врз основа на ангажманот на корисниците. Креаторите, пишува „Индипендент“, ќе добиваат такси врз основа на тоа колку корисници ги гледаат нивните видеа и колку време поминуваат на содржината. Друга работа што ги засега самите корисници е отстранувањето на рекламите од видео поткастите. Оние кои ја користат услугата бесплатно, сепак ќе гледаат реклами, а дел од приходите од рекламите ќе одат кај креаторите.
Spotify, исто така, воведува систем „Spotify for Creators“ кој обезбедува опции за аналитика и управување со поткаст. Креаторите ќе можат да објавуваат кратки клипови од нивните епизоди за да ги промовираат.
Ако сето ова звучи како Spotify да се обидува да земе дел од колачот од YouTube, не сте далеку од вистината. Ова е особено очигледно со зголемениот интерес за промоција на поткаст. Spotify го критикуваше прекумерниот број реклами на други платформи, нагласувајќи дека нивната понуда ќе биде „подобра“ и „поподнослива за корисниците“.
Сите овие новитети беа објавени за време на неодамнешниот настан „Now Playing“ што се одржа во Лос Анџелес.
Од воведувањето видео подкасти, Spotify забележа зголемување на бројот на креатори кои ги објавуваат – дури 50 проценти годишно. Над 240 милиони корисници веќе гледале барем еден видео поткаст на Spotify.
Новите функции ќе бидат достапни на 2 јануари 2025 година во Велика Британија, САД, Канада и Австралија. Сепак, Spotify сè уште не ги открил сите детали за тоа како и колку ќе бидат платени креаторите. Како и да е, овие промени го воспоставуваат Spotify како сериозен пазарен конкурент во областа на видео содржините и ја покажуваат амбицијата на компанијата да ја прошири својата корисничка база надвор од добро познатиот музички сегмент.