Ѓорѓиевски: Мораме да почекаме локални избори за да се реши проблемот со јавниот превоз во Скопје

од Nikola Popovski
52 прегледи

Дали ќе се реши проблемот со јавниот превоз во Скопје и дали ќе се чекаат локалните избори – вакво прашање денеска им беше поставено на вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Николоски се сложува дека јавниот превоз е далеку од посакуваното и дека секој ја носи својата одговорност.

-Разговаравме и за одговорност на градоначалници кога се правеа одредени законски измени. Недопустливо е единствена позиција на државата која не може да отповикана е градоначалник и затоа ова дава вакви резултати. Мислам дека со ова, се одговорив, рече Николоски по денешната посета на седиштето на ЗЕЛС.

Сличен став изнесе и Ѓорѓиевски. Вели дека подолго временски период не ја споменува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, затоа што, како што истакнува, на сите ни е јасно и нема што да се дискутира поврзано со нејзе.

-Се работи за несериозност од страна на Градот Скопје да интервенира во решавање на проблемот и може постојано да се бара изговори и некој друг да е виновен, на сметка тоа што некој не знае да изменаџира. За жал, согласно постоечките законски нормативи, сме принудени како скопјани да имаме тежок период и голгота, но, за жал, мораме да почекаме локални избори за решение и верувам дека после нив, за неколку месеци од денес, ќе биде за брзо време средена состојбата, рече градоначалникот на општина Кисела Вода.

Жителите на Скопје веќе подолго време се соочуваат со недостиг на автобуси, нередовни возни линии и преполни возила. Редуцираните линии и нередовните термини создаваат сериозни проблеми за граѓаните. Чекањето на автобуските станици трае и повеќе од половина час, а често дури и тогаш патниците не можат да влезат во автобусот поради преполнетост. Ова предизвикува фрустрација и дополнтелен стрес кај граѓаните кои се потпираат на јавниот транспорт за секојдневни активности.

Од актуелниот мандат на градската власт во Скопје, како и во останатите општини, се потрошија речиси повеќе од три години. Последните локални избори се одржаа во октомври 2021, а следните треба да се организираат истиот месец наредната година.

Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021. Тогаш Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „менаџерка“ и дека таа ќе го направи Скопје модерен град.

Слични содржини