Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц во петокот остро го нападна актуелниот германски канцелар Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија СПД) за неговата поддршка за итно гласање за укинување на законот против абортусот.
– Мислам дека е скандал што канцеларот Шолц ја поддржува оваа иницијатива околу тема која, како ретко кој ја поларизира Германија, рече Мерц (Христијанско-демократската унија ЦДУ).
Тој рече дека иницијативата за укинување на ставот 218 од германскиот кривичен законик оди во насока на „целосно непотребен социјален конфликт“ во Германија.
– Навистина сум шокиран што истиот канцелар кој постојано зборува за единството на општеството и потребата од единство сега ја поддржува оваа иницијатива со висок потенцијал за поларизација, рече Мерц.
Тој рече дека пред да се донесе одлука за ставот 218, треба да се направат многу вештачења, особено во однос на уставноста.
– Потребно е време, тоа не може да се прави одново и одново, изјави демохристијанскиот кандидат за канцелар, Мерц.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја поддржа иницијативата на група претставници на Бундестагот да се стави укинувањето на законот на дневен ред на седницата на Бундестагот уште пред неговото распуштање и предвремените парламентарни избори на 23 февруари.
Ставот 218 го третира абортусот како незаконски, но без кривично гонење доколку е извршен во првите 12 недели од бременоста, со претходно советување во семејни советувалишта.
Иницијаторите бараат абортусот повеќе да не биде нелегален и да се укине задолжителниот тридневен период помеѓу советувањето и вистинскиот чин на абортус.
Комисијата што пролетта ја свика владата на Олаф Шолц, по експертски извештај во април годинава, препорача укинување на ставот 218 и целосна легализација на абортусот.