(ФОТО) Ѓорѓиевски со свештеник и жители од „Народни херои“ го викна на разговор директорот на ЕСМ Топлификација

од Илинка Илиоска
45 прегледи

Жителите на улицата „Народни херои“ во општина Кисела Вода денеска на пладне излегоа на мирен протест поради, како што истакнаа, нерешени инфраструктурни проблеми и прекршувања на законите при градежните активности во околината, кои ја загрозуваат безбедноста и го отежнуваат пристапот до нивните домови. Причина за нивното незадоволство беше ископувањето на ЕСМ Топлификација за приклучување на домаќинствата на топлинската мрежа.

По протестот, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски заедно со свештено лице и претставници од жителите го повика на разговор директорот на ЕСМ Топлификација, Петар Милетиќ. Фотографиите од средбата, Ѓорѓиевски ги сподели со јавноста на неговиот Фејсбук профил.

„Нема проблем за кој што нема решение. Спорот кој граѓаните од улицата ‘Народни херои’ го имаа со ЕСМ Топлификација, сега е надминат,“ истакна Ѓорѓиевски.

Тој објасни дека со директорот Милетиќ направиле теренски увид во градежните активности, по што се договориле за чекори за побрзо и поефикасно извршување на работите.

„Го повикав директорот Милетиќ за да го слушне тоа што имаат граѓаните да кажат. Излеговме на терен за да извршиме увид во работните активности и да најдеме заедничко решение кое ќе биде прифатливо за сите,“ наведено е во соопштението од општината.

Директорот Милетиќ се согласи да ја забрза динамиката на работите, уверувајќи дека приклучувањето на домаќинствата на топлинската мрежа ќе биде завршено во најкраток можен рок, а пристапот на жителите до нивните домови нема да биде попречен.

Слични содржини