Владата на Косово попладнево одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија, а во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави што ќе се одржи утре во Приштина.
Во соопштението од кабинетот на ксовскиот премиер, Албин Курти се наведува дека е усвоена иницијатива за склучување на „Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија за заедничките гранични премини Генерал Јанковиќ – Блаце и Глобочица – Јажинце“.
Според соопштението, усвоена е и иницијативата, за „потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за економија на Република Косово и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во секторот енергетика во согласност со нивните политики и стратегии“.
Делегација на македонската Влада се очекува утре претпладне да допатува во косовскиот главен град. По билатералната средба на премиерите Албин Курти и Христијан Мицкоски предвидени се билатерални средби меѓу министрите (колеги) на двете влади, а потоа ќе се одржи меѓувладината седница, по што ќе бидат потпишани предвидените договори. Најавена е и заедничка прес-коференција (во 13.45) на премиерите Курти и Мицкоски.