Кинезите го одложуваат почетокот на производството на електрични возила во Шпанија

Во октомври, Шпанија се воздржа од гласањето во ЕУ за дополнителни тарифи за електрични возила произведени во Кина

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Кинескиот производител на електрични автомобили Chery ќе го одложи почетокот на производството на возила во Шпанија за речиси една година, изјави извршниот директор на неговиот шпански партнер Ebro.

Во септември, Ebro објави дека, од комерцијални причини, Chery ќе го премести почетокот на производството во својата прва европска фабрика во Барселона од крајот на оваа година на следната година, без да наведе точен датум.

Како причини, шпанскиот партнер на кинеската компанија ги наведе тарифите на Европската унија за електричните возила од кинеско производство, но извршниот директор Педро Калеф рече дека тие не треба да влијаат на заедничкото вложување, бидејќи производството ќе биде лоцирано во Европа.

Во октомври, Шпанија се воздржа од гласањето во ЕУ за дополнителни компензаторни давачки за електричните возила произведени во Кина.

Шефот на Ebro рече дека почетокот на производството е одложен за четвртиот квартал од следната година.

„Проектот не е откажан, само некои елементи се приспособени“, рече Калеф.

„Имаме причина да веруваме дека нашата врска со компанијата Chery ќе биде силна со години“, додаде тој.

Chery треба да започне со производство на теренецот Omoda 5 во Барселона.

Ројтерс забележува дека не можеле веднаш да стапат во контакт со Chery за коментар, бидејќи работното време во Кина веќе било завршено.

Во април, заедничкото вложување формирано од Chery и Ebro објави дека планира да произведува до 150.000 возила годишно до 2029 година и дека фабриката во Барселона ќе биде меѓу главните извозни капацитети на кинескиот производител.

Споменатата фабрика до 2021 година ја користеше јапонскиот производител на автомобили Nissan, а претходно Ebro.

Новата компанија ќе вработи до 1.250 поранешни вработени во Nissan, изјави извршниот директор на Ebro Рафаел Руиз за Ројтерс.

Слични содржини