Ангелоски: Ќе го дадеме најдоброто од нас за да ја промениме економската состојба во позитивна смисла

од Nikola Popovski
60 прегледи

Дигитализација, зелена транзиција, меѓународна соработка, женско претприемништво, извоз…Ова се само дел од полињата на кои Сојузот на стопански комори најавува засилен фокус со цел како што велат, да ја променат економската состојба во позитивна смисла. Во годината кога одбележува 20 години од постоењето и со повеќе од 20.000 членки, Комората останува чадор каде што фирмите можат здружено да настапуваат, да ги артикулирааат своите барања пред државните органи во Македонија, но и да соработуваат со институциите и коморите во земји од странство.

„Меѓу најголемите успеси ја сметам претставеноста на Сојузот на стопански комори, конкретно преку мојата кандидатура од пред неколку години, за избран член во Генералниот совет на светската федерација на стопански комори. Да можете да бидете репрезент на интересите на регионот на Југоисточна Европа во таква важна светска организација не е мала работа и само по себе е подвиг“, вели во интервју за „Локално“, претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

20 годишен период на постоење е секако респектабилен факт под кој редовно се исцрттува линија на сите досегашни постигнувања. Кој беше главниот мотив и движечка сила за формирање на Сојузот на стопански комори?

-Во далечната 2004 година, во период којшто беше пост транзициски, кога сите големи компании или беа во период на гаснење или пак веќе беа раситнети поради мерките коишто тогашните влади ги превземаа, почна да се создава јадро на македонски приватни компании кои почнаа да се организираат согласно модерните системи на работење и управување. Фокусот беше во насока на создавање сопствена стопанска комора, според правилата кои ги забележуваа во светската пракса во однос на тоа како функционира модерниот бизнис. Во тој период имаше монополистички поставен систем на една комора каде што големите социјалистички, а потоа транзициски фирми имаа доминантна улога која не ги изразуваше сите потреби и барања на овие компании, па оттука, се тргна во насока на создавање на Сојузот на стопански комори од страна на една мала група на ентузијасти.

Со какви очекувања настапуваа компаниите, кои беа придобивките на кои се надеваа со влегување во комората?

-Во тој момент компаниите бараа нешто кое ние го нарекуваме чадор. Тогашните законски прописи се менуваа премногу бргу, премногу често, имаше многу нејаснотии, државните органи ги толкуваа законските прописи на еден начин, а приваните компании се обидуваа на најдобар можен начин да ги имплементираат, но сепак некогаш доаѓаа до разлики. Едноставно, на малите компании им требаше еден чадор кадешто ќе можат здружено да настапуваат, кадешто ќе можат здружено да ги артикулирааат своите барања првенствено пред државните органи во нашата земја, а потоа почнаа и во комуникациите со одредени земји од странство, со тамошните институции и комори. Се размислуваше се повеќе и за можностите за извоз, промовирање на нашата економија во странство. Кога сте мала компанија, секогаш ви е потребно да не се најдете во улога на лист кој лесно може да биде однесен од ветришта. Потребно ви е да бидете дел од еден систем каде што лесно ќе можете меѓусебно да се информирате, взаемно да се менторирате, да разменувате мислења и искуства. Тоа беа основните водилки на една група луѓе кои амбициозно, без какви било материјални мотиви, без елементарни услови на функционирање како на пример канцелариски простор, само со собирање чланарина почнаа да го финансираат ССК. Колку за потсетување, до 2012 г. согласно словото на законот, овие компании плаќаа чланарина во старата Стопанска комора, а од друга страна, самоиницијативно го финансирааа и Сојузот на стопански комори.

Колку членки има ССК и каде препознавате нејзин пандан?

-Сегашната бројка на членки е околу 20.000. Тоа е дневна, минлива категорија затоа што одредени компании престануваат со својата работа, додека пак други се создаваат. На дневна база чувствуваме дека се повеќе фирми би сакале да станат дел од Сојузот, да придонесат со своите идеи, да бидат вклучени во активностите. Ние тоа континуирано го правиме и го промовираме, и мислам дека тоа е една од движечките сили на Сојузот на стопански комори. Нашата комора соработува со многу други слични институции низ целиот свет. Имаме навистина многу обемна меѓународна соработка, односно меѓусебно поврзување со стопанските комори на Австралија, Африка, Канада, со сите европски, како и со коморите од регионот. Се трудиме да изнајдеме најдобар можен начин да воспоставиме одредени партнерства, размена на искуства и идеи. Во исто време, учествуваме и во многу европски проекти финансирани од ЕУ .

Кои успеси ги сметате како најголеми, но и со какви предизвици се соочувавте? Дали во целиот период имало моменти кога тешко се доаѓало до договор, кога имало сомнеж дека тој сепак нема да се постигне?

-Се разбира дека сме се соочувале и со падови. 20 години се навистина долг временски период во кој повеќе гарнитури луѓе биле вклучени во функционирањето на Сојузот, од кои  некои повеќе успешно а некои помалку, но и покрај се Сојузот успешно опстојува, ги интензивира своите активности и во тој дел сметаме дека перспективата е јасно поставена. Сигурен сум дека следните генерации ќе продолжат да го развиваат и работењето и активностие на комората. Меѓу најголемите успеси ја сметам претставеноста на Сојузот на стопански комори, конкретно преку мојата кандидатура од  пред неколку години за избран член во Генералниот совет на светската федерација на стопански комори. Да можете да бидете репрезент на интересите на регионот на Југоисточна Европа во таква важна светска организација не е мала работа и само по себе е подвиг , особено ако се има предвид дека тргнавме од  една приватна иницијатива во 2004 година. Во сите светски организации ќе продолжиме да бидеме максимално претставени, со што ќе ја отвораме вратата на македонските компании за соработка со светот.

На кои полиња понатаму ќе работите и ќе се фокусирате?

-Има неколку полиња кои генерално, на светско ниво се  наметнуваат. Сојузот со неговите  членки ќе мора интензивно да работи пред се на  дигитализацијата, зелената транзиција, меѓународната соработка, женското претприемништво, извозот. Тоа се неколку работи кои се пред нас, а  на кои ќе мора да се фокусираме и да го дадеме најдоброто од нас, се со цел да ја  промениме економската состојба во позитивна смисла.

К.В.С.

Слични содржини