Мицкоски за европскиот пат: Повторно ќе се бориме, но не знам дали ќе успееме

од Nikola Popovski
42 прегледи

Ќе се навратам назад на мојата билатерална средба со канцеларот Шолц, ќе се навратам назад на мојата средба со претседателот Макрон, ќе се навратам назад на мојата средба со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, рече премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во владата, запрашан со кои земји од ЕУ разговарал за уставни измени со одложено дејство и дали и од кои од нив се согласиле за такво нешто.

Потпрашан дали споменатите функционери се согласиле за предлогот на Владата, Мицкоски не одговори на прашањето. Сепак порача дека како Влада работат на дневна основа со официјален Брисел и сојузниците.

-Ако не сме таму присутни, тоа не значи дека не работиме. Сето она што седум години стоеше и чмаеше, само се мавташе со знаме и се крадеше државата, сега се одглави и сега сме повторно први и ќе продолжиме да бидеме први. Пред сите светски авторитети, тој став го аргументиравме. Никаде не слушавме од нив дека тие аргументи се погрешни и дека не се добри. Повторно ќе се бориме, но дали ќе успееме не знам. Гледате што се случува кај нашиот источен сосед, три-четири пати не може да се избере претседател на Собрание, кажа премиерот.

Мицкоски информира и дека во следниот период нема најава за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој информира дека претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова се сретнала во Баку, Азербејџан со нејзиниот српски колега.

Мицкоски појасни дека ќе присуствува во Белград на саемот „Винска визија на Отворен Балкан, кој ќе се одржи од 22 до 24 ноември и ќе биде покровител, но, нема најавено средба со Вучиќ.

Слични содржини