Бугарскиот претседател Румен Радев го демантирал тврдењето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова дека за време на нивната средба во Баку не го коментирал предлогот за уставни измени со одложено дејство.
„Госпоѓа Сиљановска како добар правник е свесна дека обврските преземени според меѓународните договори едноставно мора да се исполнат. Искажав многу јасна оценка и уште еднаш подетално ја запознав Силјановска со Преговарачката рамка и општиот европски консензус од јуни 2022 година, усвоен и со тогашниот договор на Владата на С.Македонија. Ја запознав и со нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка и, што е многу важно, со вториот протокол според овој Договор. Тоа се меѓународни обврски, а г-ѓа Силјановска, како добар правник, многу јасно е свесна дека обврските преземени според меѓународните договори едноставно мора да се почитуваат. Уште еднаш ја истакнав нашата подготвеност да помогнеме за побрзо да се достигнат условите поставени во овие меѓународни документи, за да се отвори вратата за почеток на преговорите“, вели Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е задолжителен услов за почеток на преговорите меѓу Скопје и ЕУ. Владата на премиерот Христијан Мицкоски бара уставните измени да бидат спроведени и одобрени откако бугарскиот парламент ќе го ратификува договорот за влез на Маједонија во ЕУ.
Македонската претседателка вчера порача дека соломонско решение за спорот со Бугарија е решението за уставни измени со одложено дејство. Таа посочи дека минатата недела во Азербејџан од бугарскиот колега немало коментар и нагласи дека ја разбира состојбата во Бугарија со неможноста да се формира стабилна Влада.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката, во Баку било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.