Американската полиција уапси маж со албанско потекло Е.А., под сомнение дека е вмешан во поддршка на активностите на терористичката организација Исламска држава (ИСИЛ), пренесува „Телеграфи“.
Осомничениот Е. А. (33) во петокот бил изведен пред федералниот судија Стјуарт Д. Арон, кој му одредил притвор.
Службеникот на ФБИ во Њујорк, Џејмс Е. Денехи, по апсењето изјави дека „Е. А. направи напори на Интернет да регрутира и обучува поединци за кои верува дека имаат слични ставови и постојано дистрибуирал бројни упатства за производство на експлозиви за употреба во терористички напади“.
Во соопштението за медиумите, објавено во петокот од канцеларијата на јужниот окружен обвинител на Њујорк, Демијан Вилијамс, се наведува дека Е.А., со американско и албанско државјанство, живеел во Бронкс.
Албанските власти двапати го уапсиле и затворале, а затворски казни одлежувал во периодот од 2015 до 2019 и 2020 до 2022 година за поседување оружје и физички напад врз други лица.
Според обвинението, во 2019 и 2020 година, тој редовно објавувал пораки и видеа на социјалните мрежи за поддршка на Исламската држава, вклучително и пораки со пофалби за некои од водечките фигури на групата.
Во документите доставени до судот се споменува и објавување на видео на социјалните мрежи каде се вели: „Исламската држава во Африка убива крстоносци, француски и американски специјални сили“.
Триесет и тригодишниот од Тирана е обвинет по две точки, едната за обид за материјална поддршка на Исламската држава која предвидува максимална казна затвор од 20 години, а другата за дистрибуирање информации за експлозиви, масовно оружје, уништување, и оружје за масовно уништување, што предвидува и максимална казна од 20 години затвор.
Сојузниот обвинител Демијан Вилијамс им се заблагодари на властите во Албанија и Австралија за нивната вредна помош во истрагата за овој случај.