Направена двојна роботска трансплантација на белите дробови

од Milan1
33 прегледи

Здравствениот центар „NYU Langone“ соопшти дека успешно извршил двојна трансплантација на белите дробови на 57-годишната пациентка Шерил Мехркар, на која ѝ била дијагностицирана хронична опструктивна белодробна болест (COPD), воспалителна состојба која го попречува протокот на воздух во и надвор од белите дробови.

Мехркар наследила генетска предиспозиција за белодробна болест и ѝ бил дијагностициран „COPD“ кога имала 43 години, а нејзината состојба се влошила откако се заразила со коронавирусот во 2022 година.

Инаку, пред тоа, Мехркар била многу активна, возела мотор, нуркала, а исто така има и црн појас во карате заедно со нејзиниот сопруг Шахин. Меѓутоа, поради болеста ѝ била потребна трансплантација, која ја чекала сè до октомври.

Нејзината операција била историска, бидејќи хирурзите користеле роботски систем „Vinci Xi“, кој во минатото се користел за трансплантација на едно белодробно крило. Лекарите се подготвувале шест месеци за операцијата за трансплантација на две белодробни крила, која траела седум часа. Тие направиле три роботски трансплантации на едно белодробно крило за пет недели со цел да ја усовршат процедурата и работниот тек.

Благодарение на роботската процедура, пациентите чувствуваат помалку болка и побргу закрепнуваат, вели д-р Стефани Чанг.

„Д-р Чанг беше искрена. Ми кажа дека би сакале роботски да ми ги трансплантираат и двете белодробни крила, но дека никогаш порано не го направиле тоа, така што јас би била првата во светот. Таа исто така призна дека можеби операцијата нема да биде успешна, па затоа таа ме советуваше да не се надевам многу. Исто така ми кажа дека во случај на неуспех, едното белодробно крило ќе биде трансплантирано роботски, а другото рачно. Целосно им верував, бев возбудена, но и свесна за ситуацијата. Меѓутоа, кога се разбудив по операцијата, ми рекоа дека поминала успешно“, изјави Мехркар.

Дишењето на Шерил ѝ се подобрило по операцијата и била отпуштена од болницата. Оваа трансплантација ѝ го сменила животот, бидејќи претходно не можела ниту да се движи по дома, а притоа да нема проблеми со дишењето.

Слични содржини