Во синоќешната експлозија во зграда во Книн, загина едно лице – М.П (25), а ранети беа четири лица. Како што соопшти хрватската полиција, експлозијата се случила на забава, во текот на кој експлодирала рачна бомба М-75. Полицијата соопшти дека бомбата на забавата ја донел ранетиот Б.Ч. (25) од спалната соба на својот стан.
На социјалните мрежи се појави скриншот од објава на едно од лицата кое било присутно на забавата во моментот на експлозијата.
На фотографијата се гледа маса на која има алкохолни пијалаци и рачна бомба, со опис: „Селото ќе вечера во темница“, пренесува порталот Ферал1. Засега не се знае дали тој што ја објавил фотографијата е еден од четворицата повредени во експлозијата.
Бомбата експлодирала во раката на младото момче
Инаку претходно, хрватската полиција ги соопшти деталите за експлозијата.
„Вчера, 23 ноември, околу 23.01 часот во Книн, на улица Брибирски кнезови, во станот на приземјето од зградата се случила експлозија во која загина 25-годишен маж, додека двајца млади на возраст од 25 години и 23,години девојка на возраст од 21 година и малолетник се здобиле со тешки физички повреди.
Истражниот тим и полициските службеници за заштита од експлозија врз основа на пронајдените траги на местото на настанот утврдиле дека експлозијата била предизвикана од рачна бомба М-75. Од извршените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба на станот во којшто престојувал донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Како резултат на нестручното ракување, рачната бомба случајно била активирана во раката на 25-годишникот кој починал.
Соседите се шокирани од настанот
„По она што им се случи на нашите соседи, можеме само да седнеме и да плачеме бидејќи се чини дека ништо не научивме од војната и опасностите зад секое оружје. Кога загрме експлозијата … не можам да ви опишам колку бев исплашена. Претпоставувам дека се тресеа прозорците на сите во и околу нашата улица. Се слушна вресок, но веднаш не знаевме од каде доаѓа, а не верувавме дека некој настрадал бидејќи досега живееме во мир. Меѓутоа, експлозијата на бомбата нѝ остана длабоко врежана во сеќавањата, а пристигнувањето на брзата помош и полицијата нè убеди во најлошото“, изјави сосетката која живее во близина на местото на трагичниот настан.
„Не го познавам момчето што почина, но другите велат дека бил душа, ведар, подготвен да помогне. Нека милиот Бог им даде сила на неговите родители да го издржат сето тоа што им се случи како и на другите чии деца беа повредени. Наводно, еден е во многу тешка состојба бидејќи синоќа бил префрлен во сплитската болница“, додаде сосетката.