СДСМ се издигнува по поразот, ВМРО-ДПМНЕ е вознемирена – велат од партијата на Филипче

од Nikola Popovski
24 прегледи

СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ е вознемирена поради новиот кадар на партијата на венко филипче откако вчера на конгрес беа избрани нови лица во централниот одбор на партијата.

Од најголемата опозициска партија велат дека се издигнуваат после големиот изборен пораз во мај и дека вчерашниот конгрес е пресвртница во опозициското дејствување на партијата.

-Новиот Централен одбор на СДСМ го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани. Изборот на нова заменик претседателка на СДСМ Фани Каранфилова Пановска е додадена вредност на партијата каква што ДПМНЕ никогаш немала.

Партијата со белиот дворец не може да го смисли прогресивното граѓанско општество, затоа и невладините организации и неистимислениците отсекогаш биле таргет на ДПМНЕ, стои во партиското соопштение.

Премиерот Христијан Мицкоски не е задоволен од новиот состав на раководството на СДСМ. Според него, членовите на Конгресот на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат.  Вели дека не е импресиониран од ова раководство.

-Сум разочаран затоа што ценам дека овие луѓе не можат да бидат конструктивна опозиција и да бидат додадена вредност на политичката сцена. Верувам дека ќе продолжат конструкциите, измислиците, ниски страсти, дневни навреди…, рече Мицкоски по поставување на камен темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ ,,8 Март” во општина Кисела Вода, запрашан каква опозиција очекува во пресрет на локалните избори наредната 2025 година.

Според најголемата владеачка партија, Филипче не е ново лице на македонската политичка сцена. Оттаму ја критикуваат и одлуката на СДСМ за новата заменик-претседателка. Тврдат дека во новиот раководен состав на партијата нема нови ликови.

-Немањето визија и кадри за учество во новото раководство се гледа и по изборот на Фани Каранфилова Пановска за неговиот заменик, која е поранешна директорка на „Отворено општество Сорос“ и која ја интересираат само високите хонорарци. Во ЦО има лица кои што биле на високи партиски и државни позиции, случајно или не, во периодот кога со партијата раководел неговиот ментор и духовен водач, Зоран Заев. На листата на членови има Централниот одбор има поранешни пратеници, градоначалници, директори, министри, заменици министри, поранешни и сегашни претседатели на општинските партиски организации и сите од периодот на владеење на Заев, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

Изборот на новото раководство на СДСМ дојде откако пред речиси пет месеци Филипче ја презеде лидерската позиција.

Слични содржини