Формиран е новиот состав на Комисијата за помилување. Како што информираат од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прв човек на Комисијата е д-р Милка Ристова, а дел од новиот состав се и проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
За утре е предвидена првата конститутивна седница на Комисијата. Оваа Комисија е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.
-Најважното за оваа комисија е прво, бидејќи доаѓа Нова година, а тогаш има помилувања, да го стори тоа. Ама, час поскоро да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања, за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Потоа, исто така, да свика, претседателката на Комисијата една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување.
Нашиот закон за помилување сега е многу погрешен, по измените, односно укинувањето на одредбите од Уставниот суд, навистина ни треба закон компатибилен со европскиот и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето, изјави неодамна Сиљановска Давкова.
Претходно шефицата на државата ги прифати оставките на членовите на Комисијата за помилување кои си поднесуваат колективна оставка од позициите. Одлуката прв ја соопшти професорот Гордан Калајџиев.
-Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, стоеше во објавата на професорот.
Министерот за правда, Игор Филков предложи освежување во комисијата за помилување. Според Филков, последното кратење на казни за осудени лица станало предмет на политички игри и препукувања, иако, помилувањата, како што вели, се важна работа за државата. Смета дека наместо повторен суд од јавноста, веќе осудените треба да се упатат на ресоцијализација.
Ваквите реакции доаѓаат откако Комисијата достави листа за помилување на 23-ти октомври, за 10 осудени лица. Нивните имиња предизвикаа лавина реакции во јавноста. Еден од нив беше Акиф Равманоски, кој е член на криминална банда, а кој веднаш откако беше помилуван повторно беше вратен зад решетки, поради сомнеж за обид за убиство.
Еден од нив е и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.
Талески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.
Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.