Филипче ѝ укажал на Претседателката Сиљановска-Давкова на ризикот од партизација на безбедносните структури

од Milan1
24 прегледи

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче и Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретнаа во вила Водно. Средбата како што рече Филипче била пријателска и конструктивна и според него ваква форма на политички дијалог на претседателката со опозицијата треба да прерасне во редовни средби. Да се сретнат побарал тој по последната седница на Комисијата за европски прашања каде имала излагање претседателката и го изнела искуството од Националниот совет за евроинтеграции.

Филипче и укажал на претседателката дека треба да реагира за работи кои се во нејзини ингеренции, како што рече, пред се, „партизацијата која што се случува во делот на безбедносните структури“

–Јас изразив загриженост и укажав дека треба да реагира за некој работи кои се во нејзини ингереции, а тоа е пред се партизацијата која што се случува во дел од безбедносните структури. Ѝ укажав на ризикот. Сметаме дека може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, ако се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале едно такво лошо искуство во минатото, дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби, истакна Филипче по средбата.

Филипче рече дека СДСМ ќе поддржи секоја подобрена позиција која што Владата ќе ја обезбеди согласно ветувањата и обидите.

– Ја информирав претседателката дека за време на преговорите кога ги водеше СДСМ, сме се обиделе уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш тоа од бугарска страна, од раководството на тогашниот премиер Петков, не било прифатено. Повторувам која било подобрена позиција ние ќе ја поддржиме, рече Филипче.

За да дадат поддршка во Собранието на предлог за уставни измени со одложено дејство рече дека „треба да добијат потврда дека тоа е возможно.

– Многу опции, многу варијанти се работеле во изминатиот период. Јас имав состаноци коишто и тогашниот премиер Ковачевски, и тогашниот наш преговарач Маричиќ ми укажаа кои работи се обиделе да ги направат, што било возможно, што не било возможно. Ние успеавме да го направиме тоа. Сите други обиди меѓу другото и одложеното дејство на уставните измени тогаш бугарската страна не го прифатила. Што и да направи сегашната Влада и ги подобри нашите позиции ние тоа го поддржуваме, изјави Филипче.

Слични содржини