Национално единство против тирански режим

од Nikola Popovski
74 прегледи

Оваа нелегитимна власт која за кратко време целосно ги партизира институциите на системот и воспостави медиумски мрак налик на тиранските режими познати од историјата – најсоодветен пример за споредба е времето на Гебелс – брзо ја надмина диктатурата и веќе преминува во следниот стадиум на својот негативен дијалектички „развиток“ – тиранија. Како што тоа остроумно го забележа г-ѓа Славјанка Петровска од СДСМ (поранешната министерка за одбрана), делувањето на оваа октроирана, нелегитимна власт во номинално демократските институции се сведува на тиранија на мнозинството врз малцинството во истите тие нелегитимни институции. Тоа мнозинство таму всушност во подлабока смисла на зборот е нелегитимно затоа што беше стекнато преку грандиозни политички лаги и измами на гласачите, што значи, консеквентно, дека изборната волја на гласачите беше политички украдена и оттаму – тоа мнозинство е нелегитимно. Нас практично не тиранизира мнозинство кое всушност не е тоа, бидејќи нема гласачки, изборен легитимитет. Оваа двојна тиранија, невидена дури и кај најпознатите историски случаи на тиранија – на пример тиранските режими на Хитлер или Чаушеску, Пиноче или Сталин, или наназад во историјата Нерон, Калигула или Дионисиј постариот и помладиот, познати од седмото писмо на Платон – има во основа ист механизам на функционирање, претставува ист модел, идентична матрица на делување и покрај спецификите на времето и конкретните околности; и затоа Македонија и Македонците, сите граѓани кои живеат во овој тирански режим, мора да ги употребат поуките и историските лекции за тоа како се соборува тирански режим, се разбира, демократски.

Компаративната анализа на историските поуки за отфрлање на јаремот на тиранијата и тиранскиот режим – откако ќе се систематизираат и транспонираат во денешниот наш, македонски контекст и време – ги презентира следниве активности на тиранизираните луѓе кои, како ние сега и овде, секој од нас, мора да ги превземе и синтетизира во конкретна програма за делување и национална единствена платформа чие реализирање мора да биде примарна задача на секој слободољубив, самосвесен човек. Прво, формирање на национално единство и општествено-политички фронт против тиранијата составен од народот, разни групи, политички партии, со единствена програма за делување која се состои од една точка – демократско соборување на тиранскиот режим. Единство во разликите се постигнува преку единствената заедничка цел. Овој процес кај нас може да заврши брзо и лесно, посебно што дури и некои помали десничарски политички партии брзо станаа свесни дека мицковистичко дпмне политички ја предаде националната, промакедонска агенда (субмисивната коалиција со Влен, признанието за маестралноста на преспанскиот договор, именување на нови членови во историската комисија со Бугарија итн.итн.), а очигледно и некои вијателни бизнис кругови брзо сфатија дека се политички измамени со предизборните ветувања.

Второ, јасно и прецизно режимот да биде означен како тирански и тоа сознание да биде пренесено на целиот свет. Имено, не е случајно тоа што Тимчо министерот дење-ноќе шета по светот – колку и да се со скромен интелектуален капацитет, некои експоненти на тиранскиот режим повеќе инстинктивно знаат дека создавање на лажна слика и симулакрум за демократија среде фактичка тиранија може временски да го оддолжи нејзиното времетраење. Најмногу затоа оваа тиранија сеуште не е препознаена како таква ширум светот, ЕУ и кај дел од народот, просто затоа што е замаскирана со повици за единство, национален консензус и слично – ете, дури и Шеќеринска наводно од СДСМ отиде кај Гордана од мицковистичко дпмне, а на свечениот прием кај госпоѓата дојдоа и власта и опозицијата, па нели тие од тиранскиот режим дури и лобирале за таа да биде заменик генсек на НАТО  – и ете еден привид дека овде се е добро, нормално, има демократски дијалог помеѓу власта и опозицијата, има национално единство, и слични глупости додека само тираните тирански владеат и државниот буџет го трошат како сакаат и колку сакаат додека за директори поставуваат а ла тоефл ликови од градски партиски организации. Ефтиниот трик на кои, за жал, сеуште наседнуваат некои од опозицијата е тие, тираните од режимот, да владеат апсолутистички и дифузирано диктаторски, а СДСМ и другите да им прават „единство и национален консензус за национални прашања“. Уште не ми се верува дека од СДСМ се до толку наивни да упаѓаат во вакви детски провидни уличарски политички финти.

Третиот и финален чекор е максимално делување во тие неколку преостанати слободни медиуми среде застрашувачки тиранскиот медиумски апсолутизам на режимските медиуми, како и секакви облици на непосредна комуникација со секој човек што живее на оваа територија, во овој тирански режим. После таа комуникативна, персуазистичка подготовка на јавниот дискурс, следува директно одземање на легитимитетот на тотално инструментализираните и окупирани  институциии за оддржување и авторепродукција на режимот. Надежно е што новиот Претседател на СДСМ направи толку голем напор и отиде дури и кај политички нелегитимната претседателка за да и каже за бруталната партизација на институциите, можеби таа стварно не знае за тоа, којзнае, како и тоа што Алијанса на Албанците жестоко реагираше на партизирањето на двете регулаторните тела-институции надлежни за демократско функционирање на медиумите, кои го дозволуваат овој медиумски мрак како во времето на Лаврентиј Берија и дифузирањето на стравовладение кај обичниот народ. Во тирански режим нема независни, демократски институции на системот кои функционираат според законите и Уставот, и тоа секому мора да му стане јасно, вклучително и на СДСМ. Тие се таму, тука, за беспоговорно спроведување во практика на одлуките и волјата на врхушката на тиранскиот режим и ништо повеќе од тоа. Со одземање на легитимитетот на партизираните, тирански институции преку напуштање на истите, од Собрание до совети на општини и неколкуте градоначалнички позиции, природно следуваат демократски протести и нови избори со бескомпромисно поставени услови – проширена техничка влада, управувачко мнозинство и директори на јавниот медиумски сервис и регулаторните тела за медиумите воопшто, како и досега вообичаеното мнозинство на опозицијата во државната изборна комисија кое режимот сега избегнува да го почитува, а видовме на неодамнешните избори и зошто.

Единствен реален проблем што може да го успори ова што наскоро би требало да започне да се случува и што е специфичен проблем за Балканот и посебно Македонија е што на овие простори нема историска традиција на спознание за врвната вредност на слободата и демократијата. Овие 30-ина години кои, уште повеќе, во голема мерка се квази-претстава за демократија се кратка временска отсечка во вековните системи на форми на тиранија кои овде дивееле и еве, сеуште дивеат. Недостасува сеприсуство на демократски модус на мислење, самосвест за скапоценоста на слободата на мислење, слободен говор, чувство за живот во вистинско демократско општество и држава. За разлика од Франција или САД, доминацијата  на партиската свест во комбинација со сиромаштијата создава големи можности на тиранскиот режим за најразлични манипулации преку пропаганда заедно со ветувањата за бенефеции преку покорност на режимот. Сепак, умната народна поговорка за мечката пред вратата на комшијата би требало да го надмине овој проблем со капацитетот на колективниот дух за конкретно, практично индивидуално ангажирање во демократското уривање на тиранијата – симболичките изрази на непокор нам никогаш низ историјата не ни недостасувале.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини