Пијанистот Дино Имери ќе има неколку настапи од 2 до 7 декември во рамките на проектот „Недела на Бах“. Ќе одржи концерт, музички работилници за деца и предавања, кои од различни аспекти ќе ги претстават музиката и животот на Јохан Себастијан Бах.
На 2 декември, Имери ќе одржи предавање на Факултетот за музичка уметност, на кое ќе зборува за создавањето на делото „Голдбергови варијации“. Два дена подоцна тој ќе изведе рецитал со наслов „Кодот на Бах“ во Културно-информативниот центар (Салон 19:19).
На 6 и 7 декември, Имери и музикологот Тина Иванова ќе одржат музички работилници за децата од ООУ „Љубен Лапе“ и од СОС „Детско село“ во вид на претстава со наслов „Голди, Бах и музичкото село“. Автор на приказната е Иванова, која ќе биде наратор во пијано придружба на Имери.