Меџити: Поддршка од Курти за албанскиот јазик, ДУИ ја изгуби довербата од меѓународните партнери

од Nikola Popovski
121 прегледи

Вицепремиерот на Северна Македонија Изет Меџити изјави дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети не нашол поддршка ниту во Косово, ниту во Албанија, ниту во меѓународната заедница, по писмото во кое изразува загриженост за наводното кршење на правата на Албанците во Северна Македонија од извршната власт на Христијан Мицкоски. Меџити ова го смета за „доказ“ дека ДУИ ја изгубила довербата од меѓународните партнери, вели тој во интервју за тиранската „Albanian Post“.

Меџити посочил дека постапките на Ахмети се беспредметни и дека тој има други цели, но и дека ДУИ наместо да го зајакне албанскиот глас во регионот, „ги доведе до состојба во која веќе ниту еден меѓународен фактор не ги сфаќа сериозно“.

„ДУИ е партија која е обвинета за големи сомнежи за корупција и злоупотреба на положбата. Меѓународната заедница очекува резултати и транспарентност, а не празни зборови и обиди за политичка манипулација. Токму поради оваа причина, повиците на Ахмети не добиваат никаков одговор – и тоа е јасна порака од нашите партнери“, навел македонскиот вицепремиер.

Што се однесува до употребата на албанскиот јазик, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН објаснил дека тоа е загарантирано уставно право, а од друга страна ја поддржува изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, кој на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски неодамна во Приштина, рече дека албанскиот јазик не е официјален во Македонија.

„Изјавите на премиерот Курти, која ја поддржав, всушност е повик за натамошно подобрување на овие права, а не за нивно преиспитување“, нагласува Меџити.

Тој одговори и на обвинувањата дека се отпуштени Албанци од јавните институции во земјава и заменети со Македонци, поради што владата на Мицкоски беше окарактеризирана како „антиалбанска“, наведувајќи дека тие се „целосно невистинити“.

„Тврдењата за масовно заминување на Албанците од јавната администрација и етикетирањето на Владата како „антиалбанска“ се апсолутно неосновани и се дел од политички наратив кој има за цел да создаде поделби и да ја дискредитира нашата посветеност за унапредување на правата на заедниците“, рекол Меџити..

Коалицијата ВЛЕН во предизборната кампања како услов за влез во владата го претстави одобрувањето на уставните измени, како што е вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот – експресно барање на официјална Софија за откочување на евроинтеграциите на Македонија. Но, досега владата на Мицкоски, во која е ВЛЕН, нема преземено никакви чекори во таа насока. Меџити е оптимист дека ќе се спроведат, иако нема конкретен датум.

Тој, исто така, смета дека нема потреба од предвремени избори и дека нема оправдување за ваквото барање.

„Барањето за избори шест месеци по преминувањето во опозиција не само што е незрело, туку покажува дека ДУИ е изгубена во новата политичка реалност. Коалицијата ВЛЕН денес е силна и стабилна, вистински претставник на Албанците во Македонија во владата и тоа го докажуваме со резултати, а не со деструктивни повици“, изјавил Меџити.

Според него, ДУИ треба да престане да се обидува да го спаси неговиот пад со покренување на прашањето за предвремени избори и да се фокусира на она што следува – локалните избори.

Слични содржини