Поранешниот пратеник и поранешен портпарол на СДСМ, Петре Шилегов преку кратка порака го прокоментира новото раководство на СДСМ кое вчера одржа седница во седиштето на партијата. Шилегов не присуствуваше на „Бихаќка“, но се огласи на социјалните мрежи.
Тој ја објави песната „Во бестрага“ од Нокаут и Игор Џамбазов и само напиша: „Наместо коментар…“
Очигледно Шилегов не е задоволен од кадровската понуда на СДСМ и патот по кој се движи партијата. И во минатото, екс-градоначалникот на Скопје упатуваше критики кон неговата партија. Кон крајот на минатиот месец објави дека неговата партија е заробена уште од 2019 година.
-Ај да не се лажеме !!! СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани “лидери” од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет !!! Пролет е СДСМ!, стоеше во тогашната изненадувачка објава на Шилегов на социјалните мрежи.
-На пролет, во март, ќе расцветаат цветови. Јагленот нит е за за зајци, нит е за зечеви …Кај се најдовте, кај не запустивте…, додаде Шилегов.
Лидер на СДСМ во 2019 година беше екс-премиерот Зоран Заев.
Пред неколку месеци, Шилегов имаше кавга со поранешниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Тој си го додаде прекарот Вардарски, па Шилегов на социјалните мрежи му напиша:
„Дечкото од Серава, што мисли дека е „булдужер” од Вардар. Допрва следи „римув“.
Шилегов тогаш не објасни на што се должи ваквата негова реакција, но можеше да се заклучи дека станува збор за негово исклучување од некоја онлајн група по налог на Зечевиќ.
Во меѓувреме се огласи и поранешниот директор на ФИТР и член на СДСМ, Јован Деспотовски. Смета дека најголемата опозициска партија има голем потенцијал, но тешко е времето во кое се наоѓа. Вели дека новото раководство на СДСМ има огромна одговорност пред членовите на партијата, но и голем број членови кои не биле во неделата на Конгресот.
Вели дека очекувал дека ќе добие покана и ќе биде присутен на Конгресот, но не добил како гостин.
-Немам ограда да ги кажувам работите така како што се, туку ако си ги криеме работите, не му правам услуга на СДСМ. СДСМ во моментов нема луксуз да си дозволи да ги губи луѓето, па и сите партии, а СДСМ најмалку. Ако партискиот врв излегува во јавност и кажува дека ќе подаде рака кон сите, што е проблемот за покана…Јас не патам затоа што не ме поканиле, но тоа е само индикатор дека некои работиме ги зборуваме, а праксата си останува иста, кажа Деспотовски.
-Си требиме крвни зрнца. Добар број на луѓе кои што во изминативе месеци се чувствуваат тргнати по настрана, затоа што во даден момент на внатрепартиските избори имале друг став или поддржувале друг кандидат. За партија како СДСМ тоа никогаш не било случај. Не можеме да дозволиме да ги губиме луѓето, додаде членот на СДСМ во гостување на дебатна емисија.
Синоќа се одржа првата седница на Централниот одбор на СДСМ во новиот состав откако новите членови беа избрани на 30-от Конгрес. Се избра новото партиско раководство како членови на Извршниот одбор и генералниот секретар – Александар Димитријевиќ. Се избраа потпретседателите на партијата: Кристина Костова од Штип, Менде Илиевски од Битола, поранешната министерка Каја Шукова и професорката Ана Чупевска од Правниот Факултет, како и двајцата организациски секретари – поранешниот пратеник Мартин Костовски од Куманово и Љупчо Фармакоски од општинската организација Центар.