СДСМ ја осудува партизацијата на Советот за граѓански надзор на комуникациите, за која велат дека ја прави ВМРО-ДПМНЕ преку најбрутален начин. Пратеникот Љупчо Николовски изнесе податоци за лицата.
-Илче Димовски, претседател на УМС Битола, секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола. Сега ДПМНЕ го предлага како кандидат од НВО, скандалозно. Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Кочани и актуелен советник во советот од ДПМНЕ. Исто така, Никола Затуровски – организациски секретар на ДПМНЕ, кажа Николовски на прес-конференција во Собранието.
За пратеникот, ВМРО-ДПМНЕ ги загрозува демократските процеси и капацитет на институциите и повторно се обидува да воспостави контролата врз прислушувањето. Тој информира дека како партија ќе ја информираат целата меѓународна заедница, амбасадите и релевантните меѓународни институции и најави дека доколку владеачката партија остане глува на овие предупредување ќе преземе и порадикални мерки.
Ова тело ја контролира работата на институциите задолжени за следење на комуникациите односно Оперативно-техничката агенција (ОТА) и други институции и постапува по претставки доколку некој е прислушуван, но и по службена должност врши надзор над овие институции.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека за многу скоро време македонската јавност ќе слушне што се правело со безбедносните служби, а СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат.
-Ве носат во длабоко тие кои ви ги даваат прашањата многу скоро од денеска ќе се срамат, јавноста ќе знае. Се сеќавате на оној проект „вистината за Македонија“, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда, но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие, рече Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.
Советот врши надзор по сопствена иницијатива и по претставка од граѓани, на пример, ако граѓанин се сомнева дека е прислушуван. Советот има право да влезе во ОТА и кај другите органи за да изврши граѓанска контрола и тоа да го направи по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин. Претходниот состав на Советот никогаш не профункционира и членовите поднесоа оставка бидејќи не им беа обезбедени финансии за да функционираат.