Двете најголеми партии во државата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остро реагираа и го осудија вчерашното кинење и сквернавење на македонското знаме на неколку места во Скопје и низ Македонија при прославата на денот на албанското знаме.
Доцна синоќа од партијата од „Бихаќка“ соопштија дека било употребено и огнено оружје при славењето.
СДСМ побара од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.
-Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани, рекоа од партијата на Венко Филипче.
Утрово се огласија од најголемата владеачка партија. Порачаа дека реагирале и на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваат дека има и политичка позадина.
-Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност.
Ги повикуваме граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри бидејќи ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција се огласи и лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Упати осуда за инцидентите од денот на албанското знаме кој се славеше низ Куманово. Според него, на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или пак само фарса.
-Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе е злосторство против истата и треба да се одговара, наведе Димитриевски.
Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња, меѓу кои и на „Голема Албанија“, вчера можевме да видиме и газење и сквернавење на македонското знаме. Јавноста веќе бара одговори и пронаоѓање на сторителите кои на овој начин само носат нетрпеливост и огорченост. Во текот на денов се очекува реакција од МВР и разрешница на ваквите немили настани, со цел никогаш повторно да не се повторат.