Сите знамиња на народите во светот заслужуваат почит. Остро го осудуваме сквернавењето на државното знаме и палењето на албанското знаме, бидејќи таквите постапки се неприфатливи и не се во согласност со граѓанските вредности, велат од Алијанса на Албанците по повод синоќешното уништување на македонското знаме во неколку наврати од страна на непознати сторителите.
Според Алијанса, извршителите на овие грди дела не му направиле чест ниту на знамето, ниту на својот народ.
-Празничната и позитивна атмосфера во секој дел од земјата не треба и не може да биде помрачена од вакви изолирани акти. Секој облик на насилство е неприфатлив во нашата земја и мора да биде осуден без компромис од сите страни, соопштија од партијата на Зијадин Села.
Со автомобили со развеани знамиња по улиците на Скопје и во други градови во земјата каде мнозинството граѓани се етнички Албанци, вчера и синоќа се одбележуваше Денот на албанското знаме. На видеоснимки кои синоќа беа објавени од медиумите и граѓани се гледа како се кине македонското знаме и како врз него минува автомобил.
Во текот на ноќта и утрово партиите реагираат за сквернавењето на македонското знаме.