Што е „црн мраз“ и каде најчесто се формира?

од Vladimir Zorba
10 прегледи

Ниските температури носат студ и мраз. Ваквите временски услови бараат зголемена внимателност во сообраќајот поради можноста од појава на таканаречен „црн мраз“. Оваа појава може да предизвика фатални несреќи поради губење на контрола над автомобилот, предупредуваат експертите.

„Црн мраз“ е тенок проѕирен слој на замрзната вода што се формира на површината на патот. Се појавува не само на патот, туку и на пешачките премини. Често е тешко да се види и создава лажно чувство на сигурност кај возачот. „Црниот мраз“ обично се формира по замрзнат дожд или повторно замрзнување на снег на патот, при ниски температури. Кога станува збор за ризични локации, тоа се улици со многу дрвја или мал сообраќај, влезови/излези од тунели, мостови…

Станува збор за екстремно опасна појава која може да предизвика големи проблеми на возачите, бидејќи мразот е речиси невозможно да се види додека не го поминете.

Експертите даваат неколку совети за возачите во случај да наидат на „црн мраз“:

* Одржувајте растојание помеѓу возилата пред вас бидејќи е потребно двојно повеќе време за да се запре возилото на црн мраз отколку при нормални временски услови.

* Не сопирајте ненадејно и држете го воланот исправен за да избегнете лизгање.

* Бидете особено внимателни наутро бидејќи температурата на воздухот се зголемува многу побрзо од температурата на асфалтот.

* Бидете особено внимателни кога возите по мостови и низ тунели.

* Во случај на лизгање, не правете нагли движења со воланот.

Слични содржини