„Живеењето во мултикултурно општество е голема благодат. Ги повикуваме граѓаните на Република Македонија да не потклекнуваат на некои обиди за нарушување на соживотот“ – ваква е пораката на лидерите на верските заедници во Република Македонија по последните инциденти во кои беа искинати и запалени македонското и албанското знаме.
Во соопштението упатено по денешната средба во Скопската епархија се наведува дека треба да се продолжи со продлабочување на меѓусебната солидарност и да се запази почитта едни кон други, кон државните симболи на државата и кон симболите на сите етнички заедници во неа.
-Средбата на разнообразни култури носи можност за облагородување на духот на човекот и за зголемување на креативноста на целото општество. Бог ни дал да живееме во една заедничка држава. Затоа ние поглаварите на верските заедници ги повикуваме сите граѓани да не потклекнуваат пред обиди за нарушување на животот туку сите заедно да ја продлабочуваме меѓусебната солидарност и почитта едни кон други, како и кон државните симболи и симболите на сите заеднички заедници, порачаа поглаварите.
Потпишаа заедничко соопштение со кое повикаа на смирување на меѓуетничките тензии во Македонија. Соопштението е потпишано од Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, Реис ул Улема Шаќир ефенди Фетаи, скопски бискуп и епарх струмичко г. Кирил Стојановски, супер итенден Марјан Димов и Пепо Леви од Еврејската заедница.
Инцидентот со сквернавењето на македонското знаме на Денот на албанското знаме предизвика осуди од јавноста. Покрај верските поглавари, и политичките партии се согласија дека е потребно поголемо единство и заедничка акција за зачувување на стабилноста, иако меѓусебно си ја префрлаа одговорноста.