Филипче: Мицкоски е единствен премиер во демократска држава кој се заканува и мавта со лисици од собраниска говорница

од Nikola Popovski
91 прегледи

Расте националистичката реторика во Македонијa. Инцидентите кои се случуваат сериозно ја загрижуваат СДСМ и партијата предлага лидерска средба од која претседателите на најголемите политички партии ќе можат да упатат заеднички апел за смирување на тензиите во земјата, смета претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Во синоќешното интервју за емисијата „360 степени“ на „МРТ 1“, Филипче изјави дека Македонија е пример во Европа за добар соживот меѓу етничките заедници, а тие што „палат искри“ се политичарите и затоа политичарите треба да повик за смирување на страстите.

„Доколку некој одбие таква средба, ќе бидам многу разочаран и ќе сметам дека мисли дека оваа (напнатост) може да му донесе некаков политички бенефит. Мислам дека во оваа ситуација единствено решение е лидерска средба во оваа сериозно наелектризирана атмосфера, која веќе загрижува каде ќе се развива. До јавноста, водечките политички партии заедно да испратат порака дека оваа состојба мора да стивне, бидејќи во спротивно постои ризик од ескалација“, рече Филипче.

На прашањето дали тој лично мисли дека настаните се политички мотивирани, лидерот на СДСМ изјави дека може да има сомнежи и шпекулации, но мора да се покаже зрелост.

„Не треба да се остава простор за шпекулации, гледаме дека страстите зовриваат – прво инцидентот со знамињата, па во училиштата, вчера палење автомобили и канцеларии. Мислам дека ситуацијата е сериозна и апелирам да се преземе одговорност и да се испрати силен политички сигнал“, рече Филипче, според кого барањето за интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кое го најави најголемата албанска партија ДУИ „нема да донесе ништо добро“.

Филипче ја критикуваше „партизацијата на институциите“ што ја спроведуваат, како што вели, властите и предупреди дека „се одвива процес кој е поопасен и побрутален од оној за време на режимот на Никола Груевски, со кој го загрозува демократскиот поредок на државата“.

На крајот, тој го упати својот критички осврт кон премиерот и неговото однесување, кое го оцени како несоодветно и заканувачко.

„Гледајте каков е ставот на премиерот кон судството. Единствен премиер во демократска држава којшто се заканува и мавта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски. Тоа го нема во ниту една развиена земја“, порача Филипче.

На прашањето како го коментира фактот што лидерката на ЛДП, Моника Зајкова рекла дека ќе ги поддржи новите членови на АВМУ, Филипче ги повика сите прогресивни сили, вклучувајќи ја и Зајкова, да не поддржуваат вакви процеси кои ја уништуваат независноста на институциите.

Слични содржини