Здружената иницијатива на 23 организации со два претставници во Советот на Град Скопје, Зелен хуман град ќе организира протестен марш за чист воздух. Протестот е најавен за во вторник, на 10 декември, во 16:00 часот, при што поворката почнува со протестирање од Министерство за животна средина и ПП преку Собрание и завршува пред Владата.
-Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, стои во соопштението на ЗХГ.
Оттаму велат дека особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух.
Бараат од надлежните институции, пред се Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.
Граѓаните се жалат од загадениот воздух, велат секојдневно ги чувствуваат последиците врз здравјето. И покрај алармирањето состојбата со години не се менува. Единствен начин да се заштитат е да не излегуваат од дома.
Секое 6-то до 7-мо предвремено новородено бебе е последица на загадениот воздух-велат докторите. Според нив аерозагадување е причина и за други болести.
До Народниот правобранител пристигнати се 20 претставки за загаден воздух. Иако Уставот гарантира право на здрава и чиста еколошка средина, состојбите и реалноста не одат во прилог на уставните заложби, истакна омбудсманот Зибери. Тој ги посочи причинителите за ваквата состојба.
-Мораме да се соочиме со реалноста – или ќе плаќаме казни или тие пари ќе ги насочиме кон инвестиции и решавање на причините, а не да се бавиме со последиците. Гасификација на урбаните средини е едно од решенијата, рече министерот за животна средина Изет Меџити.
Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.