Утревечер во МСУ се отвора меѓународната изложба „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“

од Nikola Popovski
38 прегледи

Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот.

Изложбата „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите и престижната ,,Тарнер’’ награда.

Во поставката ќе бидат изложени дела на интернационални и македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа.

Куратори се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.

„Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики, како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и поврзаноста меѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти, кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на разбирањето одредени случаи во подрачјата со воени конфликти, приложувајќи евиденција, помеѓу другото, делата претставуваат и повик за праведност. Оттаму, изложбата ја афирмира способноста на уметноста преку користење визуелни методлогии, како што се модели, цртежи, мапи, интерактивни картографски карти, веб-базирани филмови и анимации, да се произведе знаење и да се дејствува во насока на заштитата на човековите права“, велат кураторите.

Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор, посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, дејствува и преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Пред сѐ преку технологиите кои ги посредуваат начините на кои го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот. Гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци, кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти, претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести.

Изложбата ќе биде проследена и со предавање на ко-кураторот на изложбата Метју Фулер. Веќе следниот ден на 6 декември со почеток во 15.30 часот, Фулер, кој е професор по Kултурни студии на најпрестижниот „Голдсмитс“, Универзитет во Лондон ќе проговори на тема истражувачка естетика. Како теоретичар на културата, неговата истржувачката работа е во сферата на уметноста, науката, политиката и естетиката. Фулер е автор на бројни публикации, вклучувајќи ги насловите ,,Како да се спие: Уметноста, Биологијата и Културата на несвесното’’ (Bloomsbury 2018), ,,Како да се биде Гик: „Есеи за културата на софтверот“ ( Polity 2017), „Естетика на Eкологијата и Невозможноста“ ( Minnesota 2019), како и во коавторство со Ејал Вајзман, книгата „Истражувачка естетика: Судири и Заедничкото во Политиката на Вистината“ (Версо 2021).

Слични содржини